Search

Француските тајни служби повикаа „на разговор” новинарка на „Монд”

Новинарката на францускиот весник „Монд”, Аријан Шеман е повикана да се јави на разговор на 29 мај во Генералниот директорат за внатрешна безбедност на Франција, поради нејзините статии во кои ја откри аферата со надминување на надлежностите од страна на поранешниот шеф за обезбедувањето на францускиот претседател Емануел Макрон, Александар Бенела.

Како што јави дописникот на МИА, информацијата ја објави уредникот на весникот Лук Бронер во уреднички коментар под насловот „Вознемирувачко повикување на разговор на новинар на „Монд” за статии објавени за аферата Бенала”.

– Истрагата на тајните служби се фокусира на статиите за аферата со Александар Бенала, вклучувајќи ги и нашите информации за профилот на подофицерот на воздухопловните сили, Шокри Вакрим, невенчан сопруг на поранешната шефица за безбедноста на премиерот, Мари-Елоди Поату, објаснува Бронер во уводникот.

Вакрим склучил договор за обезбедување на руски бизнисмен, поради што против него е отворена истрага за корупција.

– Ја изразуваме нашата загриженост во врска со ова повикување: јавниот интерес бара да се биде во можност да се испитуваат врските што ги одржуваат вработените во Елисејската палата или Матињон (премиерската палата), без оглед на нивната претходна кариера, наведува Бронер.

Тој оценува дека повикувањето на новинарката на разговор, е уште позагрижувачко поради тоа што следи по слична постапка, која неодамна била користена против други новинари кои објавиле информациите од јавен интерес за употреба на француско оружје во Јемен.

Новинарка на телевизијата ТМЦ синоќа откри дека таа и нејзината телевизиска екипа, исто така, била повикана на разговор од страна на тајните служби, со цел да дознаат кои биле нивните извори на информации за некои „чувствителни прашања”.

Анонимноста на новинарските извори во Франција е гарантирана со закон.

Треба да знаете
Последни објави