Search

Францускиот премиер ветува минимална пензија од 1000 евра и крај на специјалните пензиски режими

Францускиот премиер Едуар Филип денеска пред Економскиот, социјалниот и еколошкиот совет ги претстави деталите за пензиската реформа, која според него се однесува на сите, што значи крај на специјалните пензиски режини и минимална пензија од 1000 евра, јавува дописникот на МИА.

-Дојде време да се изгради универзален пензиски систем, рече Едуар Филип при претставувањето на содржината на пензиската реформа пред членовите на Економскиот, социјалниот и еколошкиот совет составен од претставници на социјалните партнери.

Осврнувајќи се на „новиот социјален пакт”, Едуард Филип вети реформа која „длабоко повторно ги втемелува основите”, „ги исправува неправдите”, „се прилагодува на новите патеки во кариерата”, останувајќи  „верна” на основните вредности на создадениот систем после Втората светска војна, потсетувајќи се на наследството на Националниот совет на отпорот. „Оваа реформа не е битка”, инсистираше тој мислејќи на штрајковите кои се уште ја држат блокирана Франција.

Во главни црти, содржината на пензиската реформа може да се среди на следново:

Законската старост за заминување во пензија од 62-годишна возраст „нема да се менува”. Но, „без да ги принудуваме, ќе мораме да ги охрабриме Французите да работат подолго”, со систем на бонус-малус.

Премиерот вети крај на 42-та специјални режими, „без бруталност”, но со „решеност и почит кон синдикатите”:

 -Дојде времето на универзалниот систем и тој на специјалните режими завршува, нагласи францускиот премиер.

Реформата се однесува на сите французи, „без исклучок”. Сите Французи ќе имаат „исто ниво на придонес” на „сите приходи до 120.000 евра”. Политичкиот персонал, дури и избраните функционери и министрите, ќе бидат третирани како и останатите Французи.

Најбогатите Французи со над 120 000 евра годишен приход, ќе плаќаат поголем придонес за солидарност отколку денес.

Проектот на владата ќе гарантира „минимална пензија од 1000 евра нето месечно за целосна кариера во која се добивала минимална плата”, рече Едуард Филип,

Жените според него ќе бидат „големите добитници” на реформата, гарантирајќи „поправеден систем” за нив. Секоја мајка ќе добие зголемување од 5 отсто по дете, освен ако родителите не изберат поинаку,  дополнителни 2 отсто ќе бидат доделени на семејства со три или повеќе деца,

Вредноста на индексната точка-поен „нема да се поправи случајно”, туку од страна на социјалните партнери и парламентот. Тоа за Едуард Филип е „Знак на транспарентност” и тој исто така гарантира дека „вредноста на стекнатите поени не може да се намали”.

Реформата, беше ветена од Емануел Макрон за време на претседателската кампања и парламентарните избори во 2017 година. Влоговите се големи за владата, која по шест дена штрајк во земјата, сега мора да ги убеди синдикатите, работодавците и Французите за нејзината основаност.

Последните арбитражи на реформата беа решени во вторникот вечерта, во Елисејската палата, за време на средбата со Емануел Макрон и вклучените министри во реформата и кадрите на мнозинството.

Едно од донесените решенија беше дека стапувањето на сила на оваа пензиска реформа нема да се направи за генерацијата 1963 година, туку ќе се спроведува за генерацијата родена во 1975 година, во 2025 година.

Пред неговите министри, Емануел Макрон рече дека сака, со оваа реформа, „да ја врати вистинската солидарност, таму каде всушност, преовладуваше корпоратизмот”.

Треба да знаете
Последни објави