Search

Француска поддршка за Уставниот суд

Правната држава има клучно место во интегративниот процес на земјата во Европската Унија, порача францускиот амбасадор Кристиан Тимоние по денешната средба со претседателот на Уставниот суд Сали Мурати.
-Ќе го поддржиме Уставниот суд да може што подобро да се вклопи како во политичкиот систем, така и во самото општеството на Република Северна Македонија. Остануваме заедно со вас, ве поддржуваме во вашите настојувања да го вкорените системот на правната држава и да можете да си ги обезбедите сите средства за што подобро функционирање, рече Тимоние.
На средбата претседателот на Уставниот суд и францускиот амбасадор разговарале за понатамошната соработка, особено во областа на Франкофонијата бидејќи, како што рече Тимоние, постои една асоцијација на судови од франкофонските земји, а Уставниот совет на Франција има една клучна улога во тие рамки.
-Со големо задоволство се информирав за поканата што ја даде претседателот на Уставниот суд за неговиот француски колега и ќе ја пренесам и во најкраток можен рок се надевам дека ќе можеме да ја реализираме, додаде Тимоние.
Претседателот на Уставниот суд рече дека му претставува чест и задоволство што денеска имал гостин од  пријателска држава.
-Ние досега сме имале добри односи со францускиот Уставен совет. Во оваа насока сакаме да ја продлабочуваме нашата соработка и ветувам дека и Уставниот суд е за евроатлантската интеграција на нашата држава, владеењето на правото, особено со почитување на човековите права и слободи што фактички имаме и обврска според Уставот, истакна Мурати.

Треба да знаете
Последни објави