Search

Француската Влада ќе ја образложи втората фаза за ублажување на мерките

Францускиот премиер Едуар Филип попладнево ќе ја претстави втората фаза за ублажување на рестриктивните мерки, која ќе започне на 2 јуни, јави дописникот на МИА.

Благодарејќи на здравствената ситуација која се подобрува, и вториот епидемиолошки бран, кој засега не се најавува, Владата на Франција ќе може да ја започне втората фаза за ублажување на мерките. Едуар Филип околу 17 часот ќе ги соопшти рамките на неговиот план, веднаш по одржувањето на Советот за одбрана во Елисејската палата.

Една од очекуваните мерки е проширувањето на дозволата за слободно движење на граѓаните, која во моментов е ограничена на радиус од 100 километри од домот.

Другата многу очекувана мерка е повторното отворање на кафулињата и рестораните во зелените зони, почнувајќи од 2 јуни.

Исто така се очекува најава за помасовно враќање во основните училишта, откако на 11 мај се вратија во училишните клупи само 20 до 25 отсто од учениците.

Се очекува и одлуката во сферата на културата, која е тешко погодена од кризата. Премиерот веројатно ќе даде попрецизни информации за отворањето на киносалите, театрите и салите за одржување културни манифестации.

Во очекување на владините мерки, на повеќе места во Франција, како во Стразбур и во парискиот регион, беа забележани собири на повеќе стотици лица, кои организираа спортски турнири и покрај забраната за собирање на повеќе од десет лица.

Треба да знаете
Последни објави