Search

Француската влада се подготвува за недостиг на електрична енергија оваа зима

Француската влада почна да презема конкретни мерки за да се подготви за можни прекини на струја во различни делови на државата во текот на зимата, јави ДПА.

Премиерката Елизабет Борн ќе им наложи на регионалните власти да бидат подготвени за контролирани прекини на електрична енергија од не повеќе од два часа, соопшти прес-службата на француската влада.

Зимата може да биде студена и Франција мора да биде подготвена да реагира во случај да не може да обезбеди доволно електрична енергија за да ја задоволи побарувачката во одредени периоди.

Причина за тоа се проблемите со француските нуклеарни централи, забележува ДПА. Одржувањето на неколку нуклеарни централи е одложено, а голем дел од 56-те реактори во земјата се уште не се приклучени на мрежата.

Француската влада нагласи дека има договор за взаемна помош со Германија, кој предвидува Франција да испорачува природен гас за Германија и да добива струја во случај на потреба.

Доколку претстои прекин на струја, граѓаните ќе бидат детално информирани еден ден однапред преку посебна мобилна апликација.

Струјата нема да биде исклучена во болниците и другите важни објекти. Сепак, мерките ќе ги погодат железницата, метрото, училиштата, универзитетите…

Останува загриженоста дека прекините на струја може да ја нарушат телефонската мрежа.

Според француските власти, недостиг на струја може да се случи помеѓу 8 и 13 часот и меѓу 18 и 20 часот, кога потрошувачката е најголема.

Треба да знаете
Последни објави