Search

Француската Влада најави мерки за сузбивање на инцидентите на фудбалските стадиони

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин изјави денеска по состанокот со министерката за спорт Роксана Марисинеан дека надлежните власти мораат итно да ги засилат безбедносните мерки на фудбалските стадиони.

До средбата на двајцата членови на француската Влада дојде по инцидентите во неделата на стадионот во Лион на дуелот меѓу домашната екипа и Марсеј.

Дербито меѓу Лион и Марсеј беше прекинато веќе во петтата минута, кога навивач на домашната екипа со пластично шише го погоди во главата фудбалерот на Марсеј, Дмитри Пајет.

Дисциплинската комисија му наложи на Лион до завршување на истрагата своите домашни натпревари да ги игра без публика.

– Мораме да дојдеме до заклучок, кој би го спречил повторувањето на вакви работи, но притоа фудбалот да остане атрактивен настан, изјави Дарманин.

Меѓу мерките кои ги разгледува владата во Париз се целосно затворање на стадионите и зголемување на бројот на безбедносни камери на трибините.

Треба да знаете
Последни објави