Search

Франција ќе истражува дали руски лажни вести влијаеле на протестите

Франција отвори истрага за можно руско влијание во демонстрациите познати како протести на жолтите елеци, кои последниве недели ја тресат земјата.

Сојузот за обезбедување на демократијата, меѓународна невладина организација, утврдил дека голем број профили на социјалните мрежи поврзани со Москва биле вклучени во кампањата поврзана со жолтите елеци. Според ваквите тврдења, повеќе од 600 профили на „Твитер“, однапред познати по промоција на лажни вести, поставиле објави со назнака за жолтите елеци (#giletsjaunes).

Сојузот е меѓународна невладина организација основана минатата година за сузбивање на руски и други обиди за поткопување на демократските институции во САД и во Европа, а го водат поранешни претставници од американските разузнавачки служби и Министерството за правда.

Организацијата на својата веб-страница води преглед на руски и проруски профили кои се обидуваат да влијаат врз западната политика преку промовирање на ставовите на Кремљ.

Истражувањето на организацијата покажало дека руски медиуми како „Спутник“ и РТ објавувале лажни вести како на пример дека полицајците во југозападниот дел на Франција ги извадиле шлемовите во знак на солидарност со демонстрантите и дека голем број припадници на француската полиција не го поддржуваат Макрон. Локалната полиција и новинари ги демантираа објавите на руските медиуми, тврдејќи дека полицајците само накратко ги симнале своите шлемови за да поразговараат со демонстрантите и потоа веднаш ги вратиле.

Француските безбедносните служби сега покренаа независна истрага за случајот, потврди францускиот министер за надворешни работи, Жан Ив ле Дриан.

Според некои француски политиколози, главна цел на ваквото руско медиумско влијание е да се поттикне недовербата кон владите во западните земји и да се прикаже дека либералната демократија пропаѓа.

Во меѓувреме, Кремљ реагираше на ваквите обвинувања, па Дмитриј Песков порача дека информациите за вмешаност на Русија во протестите на „жолтите елеци” не се ништо друго освен клевета.

Треба да знаете
Последни објави