Search

Франција загрижена поради зголемената смртност во старските домови

Бројот на инфекции со коронавирус и смртни случаи во домовите за стари лица во Франција повторно се зголемува, првпат по неколку месеци.

Семејствата на корисниците стравуваат дека властите не научиле доволно од првиот бран на пандемијата, кога постарите жители биле затворени во старските домови, а вработените немале заштитна опрема, пишува АП.

Од 31.338 лица за кои е потврдено дека починале од коронавирус во Франција, повеќе од 14.000, или речиси половина, живееле во старски домови.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, посети старски дом во време кога владата се обидува да се справи со повторниот пораст на бројот на заболени од коронавирус, додека истовремено смета дека училиштата треба да работат, а вработените да одат на работа.

Стратегијата на Владата дека земјата треба да научи како да живее со вирусот во јавноста сè повеќе се преиспитува.

Франција во моментов известува за неколку илјади нови случаи на ден и повеќе од 80 нови инфекции на 100.000 жители неделно, што е меѓу највисоките биланси во Европа, која бележи забрзано ширење на вирусот.

Бројот на пациентите во болниците и на интензивна нега постојано расте.

Додека најголем број нови инфекции по карантинот во текот на летото беше забележан кај помладите луѓе, француската јавна здравствена служба сега предупредува дека вирусот е најраспространет кај луѓето постари од 75 години, кои се најранлива популација.

Десетици нови кластери и 89 смртни случаи се пријавени во домовите за стари лица во неделата од 7 септември, што е прво значително зголемување по неколку месеци.

Сè повеќе домови повторно ги затвораат вратите за посетителите.

Јавното здравство предупредува дека зголемениот број жаришта и смртни случаи во домовите за стари лица и зголемувањето на бројот на заболени кај луѓето постари од 75 години е „значаен сигнал“ дека Французите треба подобро да се заштитат себеси и постарите лица.

Треба да знаете
Последни објави