Search

(Фото) Што сè се наоѓа во катедралата Нотр Дам?

Катедралата Нотр Дам во Париз е дом на бројни артефакти, уметнички дела и реликвии собирани со векови и секое од нив раскажува различна приказна. По страшниот пожар кој вчера изби во готската катедрала, постоеја стравови дека овие вредни предмети можеби веќе заминале во историјата, објави Си-ен-ен.

„Пожарот се засили откако зафати една дрвена решеткаста конструкција по што се запали и препознатиливата кула, а потоа и покривот, чија што конструкција датира од 13. век“, вели ректорот на катедралата, Патрик Шовет.

Ова се само две структури на историската градба која е препознатлива по својата архитектура и останатите обележја.

Што сè има во познатата катедрала:

– Розетни прозорци – три извонредни кружни прозорци со витражи ја красат секоја од трите главни порти на катедралата кои датираат од 13 век.

– Оригиналната Голема оргула – еден од најпознатите светски инструменти, кој датира од средниот век. Низ годините, изработувачите на оргули, ја реновирале оваа оргула и додавале нови елементи, додека биле задржани и оригиналните цевки од средниот век. Титулата на главен свирач на оргула е голем престиж во Франција, но и во светот.

– Голем број на скулптури, статуи и слики во катедралата на кои се отсликани библиски сцени и светци.

Една серија од 76 слики, секоја од нив висока најмалку 4 метри, претставува комеморација на Делата на Апостолите од Новиот Завет, меѓу кои се наоѓа и распнувањето на Св. Петар и преображението на Св. Павле. Овие дела се изработени помеѓу 1630 и 1707 од страна на членови или соработници на Кралската академија за сликарство и вајарство.

Меѓу останатите дела се наоѓа серијал на слики од Жан-Баптист Жувене, на кои е отсликан животот на Девицата Марија. Сите шест слики се наоѓаа во катедралата, но беа преместени во музејот Лувр во 1860-тите, а од нив само сликата насловена „Привидение“ беше вратена во Нотр Дам.

Ѕидовите од катедралата ги красеше и портрет на Св. Тома Аквински, насликан во 1648.

– Камбанариите-близначки беа највисоките градби во Париз, сè до изградбата на Ајфеловата кула при крајот на 19-тиот век.
Северната камбанарија беше завршена во 1920, додека пак јужната во 1250 година.

Главната камбана, Емануел, се наоѓа во јужната камбанарија. Таа е гласник на некои од најзначајните настани во француската историја, како крајот на Втората светска војна, а ѕвони и за празници и други специјални пригоди.

– Во трезорот на катедралата се наоѓаат и бројни артефакти кои се свети и многу значајни за Христијанството, како што е Венецот од трња, фрагмент од Вистинскиот крст, како и еден од Светите клинци.

Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, изјави дека од катедралата се спасени Венецот од трња, Туниката на Луј IX Светиот, како и други важни дела.

– Од надворешноста на катедралата се наоѓа менажерија од гарголи и химери кои „чуваат стража“. На надворешната страна од ѕидот се наоѓа систем од контрафори кои служат за потпора.

– Археолошката крипта се наѓа под кадралата. Таа е изградена со цел да ги сочува реликвиите од 19тиот век кои биле откриени за време на ископувањата во 1965. Криптата за првпат е отворена за јавноста во 1980 година.

Треба да знаете
Последни објави