Search

(Фото) Ракометарите со убедлив пораз од Данска го завршија ЕП

Фото: Слободан Ѓуриќ

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва го доживеа и третиот пораз на Европското првенство и од Дебрецин, овој пат „црвено-жолтите“ загубија од Данска со 21:31. Претходно ракометарите во Дебрецин загубија и од Словенија (25:27) и Црна Гора (24:28) и го освоија последното место во групата А.

За прв пат во досегашните седум учества на Европските првенства, ракометарите настапите на континенталниот собир ги завршија со три порази и без ниту еден освоен бод. Досега само на првото учество на ЕП во 1998 година (едно реми) и во 2016 година (две ремија), Македонија не остварила победа.

Растеретени од резултатскиот притисок, ракометарите одлично го започнаа натпреварот против Данска, со головите на Костески, Талески, Пешевски и Кузмановски поведоа со 4:0 по шест минути игра.
Одговорот на актуелниот светски и олимписки шампион дојде преку Никлас Киркелеке кој за шест минути постигна пет гола и Данска во 16 минута за прв поведе на натпреварот (5:6).

Оттогаш Данците ја презедоа контролата над резултатот и по двете израмнувања (7:7,8:8) со мини серија поведоа со 8:10. Во 24. минута, Данска поведе со 9:13 и предноста од четири гола ја зачува до крајот на првиот дел (11:15).

 

 


Во второто полувреме, Данска по голот на Менсинг во 33. минута за прв пат дојде до пет гола предност (12:17). Во 41. минута по трите гола по ред, Данска поведе со 14:21, а постот од четири минути без гол за Македонија го прекина Мартин Велковски.

До крајот на натпреварот Данците рутински ги одиграа останатите 17 минути и на крајот, во 52. минута за прв пат Македонија имаше двоцифрен минус (17:27). На крајот Данска дојде до убедлива победа од 21:31.

Жарко Пешевски со шест гола беше најпрецизен во „црвено-жолтиот“ табор, Филип Талески и Марко Мишевски дадоа по три, а Цветан Кузмановски два гола. Во редовите на Данска, Никлас Киркелоке беше најпрецизен со девет постигнати гола, а ветеранот Ханс Линдберг даде четири гола.
Репрезентацијата вечерва во чартер лет се враќа во Скопје.

Треба да знаете
Последни објави