Search

(Фото галерија) Златна Бубамара: Публиката се„предаде“ на емоциите, музиката и смеата

Слободан Ѓуриќ

Како и години наназад, публиката замина задоволна и од вчерашната Златна Буба Мара која се одржа по 22 пат, во ВИП Арената Борис Трајковски под слоганот „Да се предадеме на музика, забава и смеа“.

 

Награда за спортски подвиг на годината доби младиот маратонец, 12-годишниот Марко Пејчиноски. Марко е новиот херој на охридското маратонско пливање, кој минатата година во екстремно неповолни услови, со силен ветер и бранови, го преплива Охридското Езеро, од Свети Наум до градското пристаниште. Награда за најпопуларен фото-модел доби Вера Мештеровиќ, првата мис на Македонија, која се појавува на спотот за новата песна „Нешто ме гони“ на српската група „Галија“.

Бубамара за спортска легенда доби кошаркарот Перо Антиќ, и тоа легенда не само на изминатата година, туку на многу години наназад. Тој се простува од професионалното играње кошарка.

Златна Бубамара за најпопуларен регионален хит доби гостинот од Хрватска Петар Грашо за песната „Ако те питају“. Со оваа песна Грашо веќе ја освои и хрватската награда „Цесарица“ за хит на 2018.

 

Во фуриозно темпо, со поддршка на хорот на КУД „Танец“, со Дамир – бенд, со зурли и тапани и со Јан Стефановски, синот на Влатко на тапани, Влатко Стефановски ја изведе „Учи ме мајко, карај ме“, која заврши со громогласен и долготраен аплауз, од кој долго оддекнуваше ВИП-арената.

ТВ-сатирична емисија на годината е Фчерашни Новости. Млад актер на годината е Дритон Вејсели, кој го игра рецепционерот Талат во „Преспав“. Блех-оркестарот на Џамбо Агушев доби Златна Бубамара за најпопуларен блех-оркестар во 2018.

 

Златната Бубамара на популарноста за трајни музички вредности доби Бора Ѓорѓевиќ, фронтменот на една од најпознатите српски и југословенски рок-групи „Рибља чорба“. Оспоруван и обожаван, политички контроверзен и музички супериоререн, Бора Чорба е една од најголемите ѕвезди на екс-ју сцената и автор на некои од најубавите и најиронични песни во обемната ју-рок антологија.

Златната Бубамара за група на годината е доделена на Нокаут.

 

Треба да знаете
Последни објави