Search

„Форбс“ објави листа на славни личности, кои и натаму заработуваат милиони долари

Американскиот магазин „Форбс“ објави листа на славни личности, кои иако се починати и натаму заработуваат милиони долари, а на оваа листа на првото место убедливо е кралот на поп музиката, Мајкл Џексон.

Џексон, кој почина пред девет години и во 2017. беше на прво место, а само годинава неговата бруто заработувачка е дури 400 милиони долари, најголем дел од продажба на авторски права.

На второ место е Елвис Присли, кој во 2018 заработил 40 милиони долари. На третото место е легендарниот голф играч, Арнолд Палмер, кој заработил 35 милиони долари.

„Форбс“ наведува дека познатите личности кои веќе не се меѓу живите и се на оваа листа заработиле вкупно 628 милиони долари, двојно повеќе од минатата година кога заработувачката во оваа категорија изнесувала 312 милиони.

На четвртото место по бруто заработка е авторот на серијалот за Снупи и Чарли Браун, Чарлс Шулц, кој заработил 34 милиони долари.

На петтото место е реге пејачот Боб Марли со 23 милиони долари, а како што се наведува, неговите приходи се направени од продажба на производи како слушалки и прибори за пушење.

Доктор Сус е на шестата позиција со 16 милиони долари, а зад него е Хју Хефнер, креаторот на „Плејбој“, со заработка од 15 милиони долари.

На осмото место е актерката Мерлин Монро со 14 милиони, а деветти е музичарот Принц со инкасирани 13 милиони долари.

На 10. позиција е поранешниот член на Битлси, Џон Ленон, кој заработил 12 милиони долари и за кого се тврди дека и 38 години после смртта продава околу два милиона албуми годишно.

Меѓу оние кои се наоѓаат на листата се и раперот XXXTentacion, кој беше убиен во Флорида годинава, боксерот Мухамед Али и манекенката Бети Пејџ.

Како што наведува „Форбс“, податоците се однесуваат на приходи остварени од 1. октомври минатата година до 1. октомври годинава, а се земени пред одбивањето на надоместоците за агентите, менаџерите и адвокатите.

Треба да знаете
Последни објави