Search

ФООМ додели награди за средношколци и наставници

Фондацијата Отворено општество – Македонија додели награди на 11 средношколци и девет наставници заедно со нивните училишта во конкурсите „Моето образование” и „Успешни наставници за добри наставни пракси”.

Повиците беа објавени и реализирани на крајот на 2018 година, a учествувале вкупно 39 средношколци и 112 наставници од цела држава.

Конкурсот бил отворен за сите средношколци од јавните средни училишта во Република Македонија кои сакале на креативен начин да ги споделат своите ставови и видувања за прашања од нивен интерес во образованието на една или две од понудените теми: „Моето идеално училиште”,  „Мојот идеален наставник/наставничка” и „Почитуван Министер за образование и наука”.

Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на ФООМ рече дека во изминатите 26 години Фондацијата ги поддржува образовните реформи, ги поддржувал образовните инстгитуции, доделувала стипендии за школување за студирање надвор, работела на подобрување на пристапот на квалитетот во образованието за сите ученици, со посебен фокус на Ромите и претставниците на маргинализирани заедници.

– За овие 26 години постоење ФООМ вложи олку 32 милиони долари, од кои за поддршка на програмите за образование половината беа од други донатори: Амбасадата на Холандија, Унгарија, Британскиот совет, Ромскиот образовен фонд, ОБСЕ и други организации. Фондацијата верува дека инвестирањето во квалитетно инклузивно образование е предуслов за градење отворено демократско општество, а образованието е промотор на социјалната кохезија. Училиштата, од друга страна пак, треба да се природни средини во кои сите ученици ќе се чувствуваат добредојдени и ќе имаат можност максимално да ги искористат своите потенцијали за учество, учење и напредување, изјави Каранфилова-Пановска.

Заменик министер за образование и наука Петар Атанасов истакна дека системот на образование има потреба од сериозни реформи. Образованието мора да одговара на новото, напредно и изменето општество и да ги следи трендовите, сите застарени работи кои постојат треба итно да се променат.

-Мојот сон е да ви помогнеме да добиете што подобро образование” се обрати заменикот-министер на присутните ученици. Наставниците се важен дел од образовниот процес, овој конкурс е доказ дека тие треба да се наградуваат и да се мотивираат, бидејќи наставниците се оние кои се носители на процесот на промени и треба да се поддржат, рече Атанасов.

Во своите обраќања, средношколците читајќи делови од своите наградени есеи ја потенцираа желбата да придонесат кон подобро образование, подобри училишта, наставници, услови. Тие јасно ги детектираат проблемите со кои се среќаваат во образовниот систем, но и нудат решенија, а сé со цел сегашните и идни генерации ученици да се стекнат со што е можно поквалитетно образование.

Треба да знаете
Последни објави