Search

Фон дер Лаен и Борел пристигнаа во Киев

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, денеска пристигнаа во Киев, каде што ќе присуствуваат на самитот Украина-ЕУ.

– Убаво е да се вратам во Киев. Ова е моја четврта посета од инвазијата на Русија. Овој пат, со мојот тим на комесари, напиша Фон дер Лаен на Твитер.

Таа додаде дека дошла во Киев за да покаже дека „ЕУ стои со Украина цврсто како и секогаш“, и дополнително да ја продлабочи поддршката и соработката на Украина во ЕУ.

Пристигнав во Киев за да пренесам порака за поддршка од ЕУ до сите Украинци кои ја бранат својата земја, стои во пораката што Борел ја објави на Твитер со фотографија од железничката станица во Киев по излегувањето од возот.

Тој нагласи дека помошта од ЕУ за Киев достигнала 50 милијарди евра од почетокот на војната, дека Европа е со Украина од првиот ден на конфликтот и оти и во иднина ќе стои со народот на Украина, до „победа“.

Десетици највисоки претставници на ЕУ денеска пристигнаа во Киев со ветувања за поголема воена, финансиска и политичка помош. Највисоките членови на извршната Европска комисија денеска ќе се сретнат со своите колеги во украинската Влада.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и Урсула фон дер Лаен утре ќе се сретнат со претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Утрешниот самит Украина-ЕУ е првиот собир на високо ниво во главниот град на Украина од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година.

За време на состаноците планирани се дискусии за испраќање дополнителна воена помош за Украина, подобрување на пристапот на украинските производи на пазарот на ЕУ, помош за Украина да ги покрие своите енергетски потреби, воведување нови санкции против Русија, гонење на раководството во Москва за воени злосторства и други теми.

Треба да знаете
Последни објави