Search

Фондација Бибевски: Грижата за животните важна во време на Ковид-19

 „По галењето со вашето милениче да ги измиете рацете со сапун” е главната препорака на Фондација Бибевски. Тие апелираат во време на пандемија од вирусот Ковид-19 сопствениците на миленичиња да се грижат како за своите, така и за животните кои се на улица.

– Сведоци сме на секојдневните препораки и грижа за луѓето, треба да го почитуваме и негуваме концептот едно здравје за сите. Вашиот миленик на време да го прошетате, откога ќе се вратите во својот дом, неговите шепи да ги дезинфицирате. Не заборавајте, во ваков период бидете солидарни и за кучињата кои немаат сопственик и кои се на улица, купете храна и за нив, порачува Џенифер од Фондација Бибевски.

Последна општествена активност на Фондација Бибевски изминатиот месец била стерилизирањето и чипирањето на сите кучиња скитници во Битола.

– Изминатиот период стерилизиравме 100 животни од улица, ги микрочипиравме, така што здрави ги вративме од местото каде ги најдовме. Се соочуваме со проблем за наоѓање на локација за постоперативно закрепнување на тие животни. Би сакале да ги замолиме во иднина граѓаните да се пријават и да помогнат да ги вдомат животните на неколку дена. Оваа година, обезбедивме и превоз од местото на заловување до ветеренирните амбуланти и назад, додаваат од Фондацијата.

Во акцијата на Бибевски, се вклучија и здруженијата Мали Херои, Арчи, ветеринарните амбуланти, како и хумани граѓани од Битола.

– Акцијата „Земи, стерилизирај и врати” е од особено значење. Ги замолуваме сопствениците на кучињата од кои било причини да не ги напуштаат милениците бидејќи така тие го зголемуваат бројот на скитници кучиња, истакнува Светлана Марковска, претседател на здружението Мали Херои. Ветеринарната амбуланта Филипов се вклучи во акцијата за да делуваат сите заедно на свој начин во општеството.

– Како партнери во проектот на Фондација Бибевски за кастрација и стерилизација на сите бездомни кучиња, апелираме до граѓаните кои имаат можност да донесат животно од улица за да ја извршиме комплетната проверка и чипирање, вели доктор по ветеринарна медицина, Сашо Ѓорѓиески, од ветеринарната амбуланта Филипов.

Фондација Бибевски е формирана во 2018 година, во хумана мисија на Стив и Џенифер Бибевски, кои живеат во Америка. Фондацијата има за цел да им помогне на животните на територија низ државава.

Треба да знаете
Последни објави