Search

Финале на Вимблдон за историја: Ѓоковиќ по пет часа игра го победи Федерер

Новак Ѓоковиќ ја одбрани титулата на Вимблдон, откако во уште едно незаборавно финале со Роже Федерер славеше со 7:6, 1:6, 7:6, 4:6, 13:12. Тоа е 16. гренд слем титула за српскиот тенисер, а петта на Вимблдон, од кои три освои во финален дуел со Федерер.

Пет часа и 65 гемови се играа во финалето, при што Ѓоковиќ ги доби сите три тај-брејка, од кои оној во петтиот сет за првпат се играше според новите правила по 12:12 во гемови.

Двајцата тенисери како да ги чуваа силите на стартот, во очекување на долга борба за титулата, па започнаа резервирано. Тоа не донесе многу брејк шанси во првиот сет кој се реши преку тај-брејкот. Српскиот претставник покажа повеќе дисциплина во најбитните моменти и го зададе првиот удар во финалниот меч.

Сосема неочекуван старт имаше вториот сет кој донесе два одземени сервиси од страна на швајцарскиот ас. Од тој момент бранителот на титулата како да се откажа и дозволи да го загуби сетот со убедливи 6-1.

Иста слика како и на почетокот донесе третиот сет. Одново Федерер и Ѓоковиќ сервираа сигурно и повторно стигнаа до 13-ти гем. И повторно Србинот беше поуспешен и застана на чекор од одбрана на титулата од минатата сезона.

По неколку пропуштени брејк шанси на првиот светски рекет, продолжението му припадна на тенисерот од Базел. Тој успеа одново двапати да го одземе сервисот на противникот и многу лесно се избори за петти и одлучувачки сет.

Ѓоковиќ прв направи разлика и со брејк поведе со 4-2, но Федерер возврати и не дозволи трофејот да му побегне од раце така лесно. На крај повторно одлучуваа деталите, а најдобриот српски тенисер беше тој кој што беше поуспешен во тај-брејкот за конечна победа од 13-12.

Треба да знаете
Последни објави