Search

Филозофски филмски фестивал: Специјални проекции на победничките филмови и средба со режисерот Осман Наил Доган

Деветтиот Филозофски Филмски Фестивал (ФФФ) вечер и утре ќе заврши со sпецијалните проекции на филмовите добитници на „Златен був” од жирито и публиката во селекцијата на долгометражни филмови. 

Вечер ќе биде прикажан добитникот на „Златен був” од жирито, турскиот филм „Крадци на гулаби”.

На настанот ќе присуствува и режисерот Осман Наил Доган од Турција, при што ќе му биде врачена наградата, а публиката ќе има можност да стапи во дијалог со лауреатот на Q&A по прикажувањето на филмот модерирано од страна на Слаѓан Пенев.

-Жирито во состав Милчо Манчевски, Дејвид Сорфа, професор по филмски студии од Универзитетот во Единбург и истражувач во областа на филм-филозофијата и Бошко Караџов професор по филозофија и научен истражувач, високо вреднувајќи ги сите шест филмови во официјална конкуренција, оцени дека Крадци на гулаби е филм во кој „контактот со животните и луѓето (…) ни покажува дека комуникацијата е секогаш возможна, се вели во соопштението од Филозофски филмски фестивал. 

Утре ќе се одржи проекција на бугарскиот омнибус-филм „8 минути и 19 секунди”, во кој режијата е потпишана од шест автори Петaр Валчанов, Љубомир Младенов, Теодор Ушев, Надежда Косева, Владимир Љуцканов и Кристина Грозева. Добитникот на годинешниот „Златен був” за најдобар долгометражен филм според публиката е базиран на расказите и по сценарио на најпреведуваниот современ бугарски писател, Георги Господинов.

Насловот на филмот доаѓа токму од збирката кратки раскази „И сè стана месечина” на Господинов преведена на македонски јазик од издавачката куќа „Или-Или”.

Со овие два настана се затвора деветтото, досега најамбициозно издание на Филозофскиот Филмски Фестивал организиран од Филозофското друштво на Македонија. Фестивалот понуди мноштво настани и донесе реномирани гости, прикажа богата филмска програма придружена со квалитетни излагања, предавања и дискусии, музички настани, организира специфична ретроспектива на филмови на Вим Вендерс.

-Фестивалот ја продлабочи Едукативната програма, делувајќи на подрачјето на развојот на филмската писменост и критичкото мислење, почнувајќи од основното образование (ученици на возраст од 8-10 години), па преку средношколско образовно ниво (16-18 години) до студентската популација и останатите млади. Преку својот Караван, ФФФ и оваа година пренесе дел од фестивалската магија во четири други градови низ републиката (Штип, Свети Николе, Прилеп и Битола), велат организаторите. 

Треба да знаете
Последни објави