Search

Филип Насковски-македонски претставник на Microsoft Office Specialist натпревар

Филип Насковски, кој доаѓа од средното техничко училиште „Наце Буѓони” од Куманово, е победник на националниот МОС (Microsoft Office Specialist) натпревар, и следната година во Орландо, Флорида ќе ја претставува нашата земја на светскиот МОС натпревар.

Финалето на националниот МОС натпревар се одржа денеска во организација на „Сертиадрија”, во рамки на проектот за унапредување на дигиталната писменост на младите на возраст од 13-22 година во земјава. На светскиот натпревар активно учество земаат над 120 земји во светот.

Според организаторите на натпреварот, дигиталните вештини добиваат сé поголемо значење во новонастанатите услови. Тие му честитаат на Филип Насковски за освоеното прво место и му посакаа успех следната година на светскиот натпревар.

– Голема благодарност до Град Скопје и Стопанска Банка кои се верни партнери на натпреварот уште од првата година, како и на Општина Куманово и сите поддржувачи на овој настан кои овозможија да прерасне во традиција. Сакам да напоменам дека сите учесници кои ги положија испитите се стекнаа со меѓународни сертификати, со што го потврдија достигнатото ниво на дигитална писменост и вештини неопходни за понатамошен успех и кариерен развој, изјави Марко Серафимовски, директор на „Сертиадрија”.

Градот Скопје обезбеди бесплатно тестирање за 500 учесници. Во текот на изминатите години, Градот директно поддржал повеќе од 2000 ученици сé со цел на што повеќе млади луѓе да им се даде можност да се стекнат со овој сертификат.

Стопанска Банка е поддржувач на натпреварот,  а Општина Куманово исто така обезбедила бесплатни испити со што ја поддржа и промовира дигиталната писменост кај младите генерации.

Следниот месец почнуваат тестирањата за следниот циклус на националниот МОС натпревар 2020/21. Победникот од овој натпревар, ќе патува заедно со победникот од оваа година на светското финале во Орландо, САД.

Треба да знаете
Последни објави