Search

Филипче: Хронично болните до 23 септември треба да добијат потврда од специјалист

Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретна со претставниците на здруженијата на пациенти кои ги изнесоа своите предлози за доследно спроведување на одлуката на Владата по препорака на Комисијата за заразни болести, хронично болните да се вратат на работа, а притоа да не се прават злоупотреби на системот.

– Станува збор за широка категорија и идејата е да ја сведеме на поткатегории со цел да не се злоупотребува системот и да биде фер за сите, односно оние кои треба да се дома и кои се навистина во ризик, да останат дома. Реален проблем е тоа што бевме сведоци на злоупотреби, истакнал Филипче на средбата, соопшти Министерството за здравство.

Хронично болните имаат рок до 23 септември да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа. За да можат да го реализираат тоа, ќе бидат пуштени дополнителни термини на Мој Термин и е-амбуланта. Доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, ќе се остави простор за пролонгирање.

– Иницијално идеата беше да се спреми системот, да се направат промени во правилникот, да им се дозволи на пациентите да може да направат преглед согласно оваа нова стратегија, за тој што треба навистина да седи дома, заради комплексноста на одредена хронична болест, или заради тоа што во даден момент има влошување на состојбата. Меѓутоа тоа да го утврди лекар специјалист, а не согласно претходно поставена дијагноза за хронична болест. Пациентот може да извади соодветна потврда или уверение од специјлист и на тој начин да биде ослободен од работа, појасни Филипче.

Според него, нема простор за паника бидејќи мерката е димензионирана за да ги заштити ризичните пациенти.

– Дозволете јасно да кажам за да се расчистат дилемите, и секако да спласне паниката, затоа што нема простор за паника, ниту за незадоволство. Оваа мерка е димензионирана, така да го заштити здравјето на оваа критична ризична категорија на граѓани, рече Филипче.

Прво, појасни тој, со измена на правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување ќе се дозволи лекарот специјалист да даде потврда и за отсуство од работа на неопределено време или за одредено време, многу подолго, отколку што досега беше дозволено, без притоа да има контролни прегледи, праќање на комисии, дополнителни испитувања.

– Значи, со цел да се олесни комуникацијата, пристапот на пациентите, оваа одлука за враќање на работа на сите останати хронично болни, коишто нема потреба да ја вадат оваа потврда ќе биде од 23 септември, значи останува доволно време во следниот период, а ќе има и доволни термини за закажување прегледи преку системот МојТермин и дополнителни термини за Е-амбуланта истакнал Филипче на средбата со претставниците на здруженијата на пациенти.

Треба да знаете
Последни објави