Search

Филипче: Стратегијата на широко и интензивно тестирање, вклучувајќи и контакти на позитивните по индикација дава резултати

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше за најновата состојба со вирусот КОВИД-19 во нашата земја. Тој информираше и за статистиката во врска со пациентите, состојбата во болниците, подготвеноста на капацитетите за следниот период, се осврна на анализите од Институтот за јавно здравје за изминатите недели, како и на состојбата во регионот.

„Во изминатите десет дена кризата со коронавирусот повторно ескалираше насекаде на Балканот, во соседните земји. Светската здравствена организација извести дека 60% од случаите од 10 милиони инфицирани со КОВИД-19 ширум светот се регистрирани во месец јуни. Ова потврдува дека насекаде има нов бран, кај нас дојде нешто порано и мислам дека многу рано го детектиравме. Сега се јавува во сите земји од нашето опкружување и тоа е директна последица на попуштањето на рестриктивните мерки и на непочитувањето на мерките за лична заштита”, потенцираше министерот Филипче.

Состојбата во светот, исто така потврдува дека првичните предвидувања на светските здравствени авторитети дека вирусот во текот на летото ќе исчезне – практично не се остварија.

„Во последните денови, светската статистика говори дека има пикови на новозаразени и починати и тоа е уште една потврда дека вирусот е тука. Ќе остане очигледно подолго време, а ние мора да бидеме подготвени. Мора да го подготвуваме здравствениот систем, да ги почитуваме мерките за лична заштита, да се навикнеме на новата реалност, што значи продолжување на сите нормални активности, но со почитување на мерките за лична заштита. Исто така мора да прифатиме дека оваа реалност можеби ќе трае и подолго од тоа што првично сите земји во светот го очекуваа”, изјави министерот Филипче.

Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје од 20 до 28 јуни споредено со претходната недела, во нашата земја регистрирани се 303 помалку нови случаи со КОВИД-19, со помалку смртни случаи, 216 повеќе оздравени пациенти. Изминатата недела има вкупно околу 860 случаи, што е значајно помалку од 1.000 случаи во просек претходните три недели, што значи и минатата недела инциденцата е нешто пониска. Р0 Факторот на преносливост во изминатите десет дена, два до три дена е само над единица – 1,1, целиот останат период е околу 0.9.

„Во наведениот период регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група на лица над 60 години – 26%. Апелирам уште еднаш возрасните и хронично болните да бидат исклучително внимателни, покрај тоа што најчесто заболуваат, а и смртноста во оваа група е висока. Во последниот извештај на ИЈЗ има 57 смртни случаи од десет града, што е осум смртни случаи помалку од претходната недела. Најголем број од случаите на возраст над 60 години, а 44 од нив се лица со претходни хронични заболувања. Во однос на дистрибуцијата по градови, најголем број од регистрираните случаи се во Скопје – 46%, Тетово – 13%. Овие градови и натаму остануваат најголемите жаришта во нашата земја. Во 15 града во земјата, за истиот период бројот на новопотврдени случаи е под 20. Спорадични случаи има во повеќе градови, бројките варираат секаде, но она што може да се заклучи од изминативе повеќе недели дека нема знаци дека постои друго потенцијално жариште освен Скопје, Тетово и нешто повеќе случаи во Гостивар”, рече министерот Филипче.

Во наведениот период оздравени се водат 447 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување што е за 216 повеќе од претходната недела на известување и тој е важен и позитивен индикатор кој влијае на намалување на растот на активните случаи.

„Во земјата досега се направени 68.059 тестирања. Стратегијата на широко и интензивно тестирање, вклучувајќи ги и контактите на позитивните по индикација дава резултати, како што може да се забележи во просек имаме околу 8.000 тестови неделно. Овој пристап ни овозможува да имаме еден широк увид во состојбата во однос на ширењето на вирусот. Овој систем помага да ја стабилизираме ситуацијата во двете жаришта, пред сè во Скопје и во Тетовскиот регион, да се задржиме на овој линеарен раст на случаи. Како резултат на оваа стратегија имаме рана детекција на асимптоматски случаи и секако нивно изолирање, нешто на што интензивно работат сите центри за јавно здравје, посебно Центарот за јавно здравје во Скопје во чијашто работа се вклучени сите колеги од центарот, не само епидемиолозите и со такво интензивно следење на контактите практично се спречува ширење на заразата”, истакна министерот Филипче.

Тој посочи дека и во следниот период се продолжува со истата стратегија и упати апел до граѓаните да соработуваат со здравствените работници, да даваат точни податоци за епидемиолошките анкети, заради тоа што тоа е еден многу битен сегмент за раната детекција на нови случаи.

„Анализата во однос на процентот на позитивни од тестирани случаи укажува на тоа дека имаме просек од 13% од вкупниот број на направени тестови и во изминатиот период оваа бројка не се менува значително. Во последните 24 часа направени се 894 тестирања, регистрирани се 78 нови случаи. Институтот за јавно здравје регистрира 172 оздравени лица, починати се 5 пациенти. Вкупната бројка на дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата е 7.124, на оздравени е 3.199, на починати е 346 и во моментот број на активни случаи 3.579. Во однос на хоспитализацијата во изминатиот период целиот тим на Министерството за здравство и менаџерите на болниците беа посветени на менаџирање на капацитетите и ресурсите, како и организација на системот на ротација”, информираше Филипче.

Во моментот вкупно хоспитализирани се 421 пациент, суспектни и позитивни на КОВИД-19, или 11,4 % од вкупниот број на активни случаи. Бројот на хоспитализирани од активни случаи е речиси ист изминатиот период и се движи од 11 до 12%, останатите 88% се на домашно лекување со лесна клиничка слика или асимптоматски. Во изминатиот период евидентен е и број на повеќе оздравени и повеќе исписи од болниците и тој е практично еднаков со бројот на нови приеми.

Анализата на хоспитализираните пациенти при нивното доаѓање во болница, упатува на заклучокот дека има процент на пациенти кои доаѓаат во болница откако состојбата им е значително влошена.

„Во однос на состојбата со болничките капацитети и слободните места на Инфективната клиника во изминатите 24 часа, примени се 5 пациенти, а вкупно се хоспитализирани 90, на кислородна поддршка 53 пациенти, има околу 20-тина кревети во самата клиника кои што се на располагање. Овој тренд на помал број на примени пациенти од испишани трае повеќе денови споредено со периодот од пред една недела до десет дена. Во болницата во Козле се хоспитализирани 29 возрасни пациенти и четири деца. Во ГОБ „8-ми Септември”  примени се шест нови пациенти, вкупно хоспитализирани се 122 пациенти, на респираторна машина се три лица. Во болницата во Битола хоспитализирани се 37, во Штип 45 пациенти и во двете болници има слободни кревети за следните денови, а секако со план за испис на пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово , Прилеп и Гостивар хоспитализирани се вкупно 94 пациенти и нема одделение во коешто нема слободни кревети во овој момент”, рече министерот Филипче.

„Сакам да апелирам до граѓаните, апсолутно и безусловно да ги почитуваат мерките за заштита – маска, дистанца, редовна хигиена, дезинфекција на рацете. Ова се универзални мерки кои се базираат на истите принципи, како и другите мерки во светот. Нема друг начин да се заштитиме од ковид вирусот. Живееме со вирусот, мора да го прифатиме тоа како реалност, да функционираме нормално, да работиме па дури и да се дружиме. Само со почитување на мерките ќе се заштитиме себеси, нашите семејства, пријателите и нашите сограѓани. Така ќе ги заштитиме и ќе им помогнеме на здравствените работници кои пет месеци пожртвувано, деноноќно работат и се борат за секој човечки живот. Да ги почитуваме сите мерките за да го зачуваме и нашиот здравствен систем да остане стабилен”, истакна Филипче.

 

Треба да знаете
Последни објави