Search

Филипче се сретна со косовскиот министер за здравство Исмаили

Министерот Венко Филипче, на денешната средба со косовскиот министер за здравство Уран Исмаили, го запозна за новините што се воведоа во здравството, а разменија и искуства и информации во областа на здравството во двете држави, информираат од МЗ.

Со воведувањето на двата нови типови на упат во националниот систем МојТермин, посочуваат оттаму,  се подобрува здравствената евиденција и се поедноставува работата на здравствените работници, процесот на упатување на пациентите и побрз пат до услугата која им е потребна,

– Значајно ги зголемивме платите на здравствените работници. Минатата година за првпат обезбедивме средства за вложениот труд на приватните специјализанти. Преку континуирана грижа го враќаме достоинството на сите наши здравствени работници, истакнал Филипче.

Тој го запознал косовскиот министер со интегрираниот сервис за домашна посета, со кој, како што рекол,  граѓаните од оддалечените места, руралните средини добиваат здравствена услуга и заштита во домот.

На средбата, како што соопштуваат од МЗ, се разговарало и за изградбата на новиот Клинички центар, унапредувањето на достапноста на гинеколози во државата преку воспоставување на поголема територијална покриеност и достапност на кадарот во здравствените региони каде што гинеколошките услуги на примарно ниво не се достапни или достапноста е ограничена.

Од МЗ велат дека нивна заложба е да се препознаат компетенциите на матичните лекари – специјалисти по семејна медицина што вклучуваат и грижа за сексуалното и репродуктивното здравје како што се услуги за семејно планирање, контрацепција, сексуално преносливи инфекции…

– Со измената на Законот за здравствена заштита, за првпат секој млад лекар ќе добие шанса да се ангажира во системот на јавно здравство, потенцираше Филипче.

По средбата, министрите ја посетија Клиниката за хематологија во Скопје, каде на докторите од Косово им беше понудена експертиза во областа на трансплантацијата. Минатата година на оваа Клиника беше направена првата трансплантација на матични клетки од несроден донор, се наведува во соопштението од МЗ.

Треба да знаете
Последни објави