Search

Филипче: Обезбедени се 833.000 вакцини за 400.000 граѓани, медицинарите од Ковид центри ќе ја примат први

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција \ по состанокот со Координативното тело за вакцини за Ковид-19 истакна дека започнале интензивни подготовки со цел да имаме ефикасен процес на вакцинација.

Тој најави дека веќе се обезбедени 833.000 дози вакцини за 400.000 граѓани, преку ковакс механизмот, појаснувајќи дека овие вакцини ќе ги добиваат согласно планот за дистрибуција.

-Приоритет во вакцинирањето против Ковид-19 ќе имаат сите здравствени работници од ковид центрите и оние коишто работат со заболени или сомнителни пациенти. Во првите редови за вакцинирање ќе бидат граѓаните над 65 години и пациентите со хронични болести, во делот на хронични белодробни и кардио-васкуларни болести, понатаму вработените во критичната инфраструктура и секако во транспортот, рече Филипче.

Министерот додаде дека планот, според медицинските експерти, е 60-70 проценти од популацијата да ја прими вакцината, што би било доволен процент за стекнување имунитет.

-Покрај овој механизам, веќе доставивме барања за директни договори до две светски компании за нивните вакцини и после нивните иницијални одговори ги чекаме и дефинитивните потврди дека ќе можеме дополнителна количина да набавиме директно од компаниите. Третиот механизам е преку земјите членки на ЕУ, од нивните билатерални договори со компаниите. Официјална понуда добивме од Полска и Грција и аплициравме за дополнителни 800.000 дози, вели министерот.

Филипче додаде дека имале состаноци и со економски оператори за транспорт на вакцините. На почетокот на јануари ќе стигнат фрижидерите во кои на минус 70 степени ќе се чуваат вакцините.

-Добивме потврда од една Американска фондација за фрижидери потребни за чување на вакцините кога тие ќе стигнат на почетокот на јануари, истакна министерот.

Треба да знаете
Последни објави