Search

Филипче: Набавен е нов дигитален рендген-апарат за Поликлиниката Ѓорче Петров

Во Поликлиниката Ѓорче Петров комплетно е реновиран вакциналниот пункт и се набави нов дигитален рендген-апарат. При посетата министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека се следат стандардите и упатствата на Светската здравствена организација (СЗО) и започнато е со комплетно реновирање на вакциналните пунктови во поликлиниките во градот Скопје.

„Сега, во овие реновирани пунктови, условите за дечињата се многу попријатни. На територија на градот Скопје висок е опфатот со вакцинација со задолжителното вакцинирање, над 99% во Скопје, а над 95% ширум државата. За неколку денови ќе биде пуштен во употреба и новиот рендген-дигитален апарат, што на жителите на овој регион значајно ќе им олесни пристап до оваа рендген-услуга. Пациентите нема да мора да одат до болниците ‘8 Септември’, старата градска болница и Клиничкиот центар и преку системот Мој термин ќе се скрати времето за чекање“, изјави министерот Филипче.

Минатата година се воведоа две нови вакцини за заштита од пневмокок и рота вирус, кои ги штитат најмладите пациенти од инфекции, кои се чести во детската возраст, особено кај деца кои посетуваат градинки. Имунизацијата е единствената мерка која нè заштитува од заразни заболувања. Исполнета е препораката на СЗО со опфат на вакцинација над 95 отсто со МРП-вакцина.

„Како општина заедно со комуналните служби редовно се одржува Поликлиниката во Ѓорче Петров. Дониравме мебел за опремување на детското катче, на вакциналните соби, ги сменивме дотраените клупи. Во наредниот период се надевам дека во зависност од времето ќе гледаме да ги смениме и павер-елементите коишто се дотраени и се од самата изградба на поклиниката. И понатаму во соработка со Министерството за здравство стоиме на располагање првенствено нашите деца да имаат добра примарна заштита и нормално, и повозрасните се чувствуваат пријатно во Поликлиниката Ѓорче Петров“, изјави градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски.

Поликлиниката Ѓорче Петров дава здравствена заштита на населението од три големи општини Ѓорче Петров, Карпош и Сарај со вкупна бројка од 140.000 жители.

„Успешно продолжува приказната за реновирање на вакциналните пунктови. Управата на Здравствениот дом веќе започна пред два месеца и таа приказна успешно заврши во Поликлиниката Чаир, сега и во Поликлиниката Ѓорче Петров. Од понеделник започнуваме со реновирање на вакциналниот пункт во Поликлиниката Јане Сандански, и таму ќе се инсталира нов рендген-дигитален апарат“, рече директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски.

Треба да знаете
Последни објави