Search

Филипче: Добро е што во моментов имаме линеарно зголемување на случаите, приближно ист број секој ден, а не експоненцијално, здравствениот систем е подготвен да прифати и да третира пациенти дури и да има раст

Денеска на редовната прес-конференција, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче ја соопшти состојбата со КОВИД-19 во земјава и истакна дека не треба да има ниту најмал сомнеж дека не се споделуваат точни бројки, бидејќи бројките се споделуваат со официјалните претставници на Светската здравствена организација и тука простор за манипулација нема, од ниту една земја.

„Во изминатите 24 часа се регистрирани 18 нови случаи на коронавирус во земјата, по градови: Скопје 11, Прилеп 4, Куманово 2, Тетово 1. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани во нашата земја, изнесува 219 лица.
Според местото на живеење досега случаи се регистрирани во Скопје, Дебар, Куманово, Штип, Прилеп, Охрид, Велес, Кавадарци, Тетово и Гостивар. Во земјава има тројца излекувани пациенти и за жал, тројца починати.
Во однос на бројката на регистрирани случаи, сакам сега јасно да укажам и да и објаснам на јавноста дека не треба да се има ниту најмал сомнеж дека не се споделуваат точни бројки. Бројките се апсолутно точни, не може да биде поинаку, тие бројки ние ги споделуваме и со официјалните претставници на Светската здравствена организација и тука простор за манипулација нема, ниту ќе има, а нема ниту од страна на ниедна земја којашто комуницира со СЗО”, изјави министерот Филипче.

Министерот Филипче посочи дека во овој момент, е добро што имаме линеарно зголемување на случаите, приближно ист број секој ден, а не експоненцијално, но подвлече и дека здравствениот систем е подготвен да прифати и да третира пациенти, дури и да има ваков раст.

Филипче информираше дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се хоспитализирани 41 пациент. Од нив седум се во потешка здравствена состојба, но тие се респираторно независни, не им е потребна помош од респиратор, односно интубација, механичка вентилација, додека 27 се средно тешки пациенти, и седум пациенти се со поблаги симптоми. Стабилна е и состојбата на пациентите во Штип.
Во Заводот за рехабилитација „Козле” се уште траат анализите, анкетите. Земени се материјали на уште 18 вработени, веднаш по стигнувањето на сите резултати ќе се направи план за функционирање на оваа установа, постои голема веројатност од понеделник да работи само амбулантскиот дел со соодветен распоред на здравствените работници, меѓутоа се уште не се готови анализите и веднаш по завршувањето на тестовите ќе се направи план за работа заедно со епидемиолозите.

„Имавме случај на Клиниката за кардиологија, еден од членовите на резервниот тим практично на работа пројавил симптоми, сакам да кажам дека оваа случка е во делот на ангио-салата, каде што нема лежечки пациенти туку пациенти доаѓаат само за интервенција на срцето. Во тој дел лекарите во однос на контактот кон пациентите се целосно заштитени, заради тоа што е таква технологијата на работа, но сакам јасно да кажам дека некој кој се појавил на работно место свесен дека и претходно има симптоми, да тука ќе следат санкции”, рече министерот Филипче.

Министерот Филипче информираше дека добиена е донација од 3.000 маски во текот на вчерашниот ден – денеска уште три илјади платнени и хируршки маски кои ќе им бидат поделени на матичните лекари, кои се целосно вклучени во системот на детекција при прегледи и закажување на пациентите.

„На почетокот и во текот на следната недела, се очекува поставување т.н мобилна болница, на просторот до Клиниката за инфективни болести. Тука ќе бидат поставени објекти во кои ќе се сместат близу 130 кревети, со што капацитетот на Клиниката за инфективни болести практично се дуплира, со соодветни тоалети, суви ходници, со коишто ќе се комуницира со самата клиника, заради тоа што сметаме дека е добро да се надополни капацитетот таму каде што е всушност експертизата”, истакна министерот Филипче.

На прес-конференцијата, министерот Филипче потенцираше дека здравствените работници се целосно мобилизирани и подготвени се капацитетите.

„Здравствените работници се целосно мобилизирани и се подготвени капацитетите. Имаме и излекувани пациенти, така што ние сме во ситуација да се амортизира приемот на пациенти. Соодветно се третираат, терапија е веќе аплицирана – таа што ја најавивме кај сите пациенти на клиниката кај којашто е индицирана, согласно анализите од електрокардиографијата, така што сосем добро и стручно се справуваат колегите во сите јавноздравствени институции”, изјави министерот Филипче.

Треба да знаете
Последни објави