Search

Фејсбук-месинџер ќе добие нова опција за аудио и видеоповици

Компанијата „Фејсбук“ тестира криптирани аудио и видеоповици преку опцијата Secret Conversations во апликацијата месинџер, пренесуваат американски портали специјализирани за технологија.

Наводно, аудио и видеоповиците направени преку опцијата за тајни разговори ќе бидат „шифрирани од почеток до крај на сите ваши активни мобилни уреди“.

„Фејсбук“ ги воведе тајните разговори како експериментална функција за месинџер во 2016 година, овозможувајќи им на корисниците да испраќаат „end-to-end“ шифрирани пораки, а се чини дека наскоро треба да биде овозможено криптирање и на аудио и видеоповици.

https://twitter.com/wongmjane/status/1189720527545327616

Сепак, со оглед на тоа што оваа функција во моментов е во фаза на тестирање, може да мине извесно време пред навистина да можете да остварите аудио или видеоповици на побезбеден начин.

„Фејсбук“ инаку на почетокот од годинава објави дека планира да воведе „end-to-end“ енкрипција на сите свои популарни апликации за размена на пораки, како дел од пристапот за поголема приватност на корисниците.

Ова значи дека комуникацијата меѓу корисниците, без разлика дали се работи за двајца или повеќе, е заштитена со посебни кодови достапни само на уредите од корисниците. Целата комуникација е недостапна за кој било друг, а тоа важи и дури и за компанијата која ја овозможува услугата.

Треба да знаете
Последни објави