Search

Фена: Протест поради злоупотребата на историјата во процесот на европската интеграција на Северна Македонија

Претседателот на Здружението за модерна историја Сараево, професорот по историја на Филозофскиот факултет при Универзитет во Сараево, Хуснија Камберовиќ,  денеска изјави дека голем број на познати историчари од земјите од регионот упатиле протест против злоупотребата на историјата во процесот на евроинтеграција на Северна Македонија.

Како што се наведува, протестот е насочен против злоупотребата на историјата со која владата на Република Бугарија се заканува дека ќе го блокира почетокот на преговорите меѓу Брисел и Скопје во процесот на европска интеграција на Северна Македонија.

Во последните месеци бугарската влада се закани дека ќе го блокира почетокот на преговорите меѓу Брисел и Скопје, барајќи од Северна Македонија да ја прифати „историската вистина” дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени и дека македонската нација е создадена од Тито и Коминтерната, пренесува Фена.

Камберовиќ вели дека потписниците на протестот изразуваат осуда за овој случај на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата за политички цели.

– Ние цениме дека ваквиот пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионот, но исто така и за самата Европска унија. Наметнувањето на „историските вистини” е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој настанаа сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право, рече Камберовиќ.

Потписниците најавуваат дека протестот ќе биде испратен до Брисел и на други адреси.

Меѓу потписниците се проф. д-р Дубравка Стојановиќ, универзитет во Белград, проф. д-р Хусија Камберовиќ, универзитет во Сараево, проф. д-р Твртко Јаковима, универзитет во Загреб, проф. д-р Божо Репе, универзитет во Љубљана, доц. д-р Аднан Прекиќ, универзитет во Црна Гора, д-р Сњежана Корен, Универзитет во Загреб, д-р Миливој Бешлин, универзитет во Белград, проф. д-р Дамир Агичиќ, универзитет во Загреб, Доц. Д-р Бранимир Јанковиќ, универзитет во Загреб, проф. д-р Момир Самарџиќ, универзитет во Нови Сад, д-р. Олга Манојловиќ Пинтар, Институт за понова историја на Србија, проф. д-р Хрвоје Класиќ, универзитет во Загреб, проф. Д-р Радина Вучетиќ, универзитет во Белград, д-р Срѓан Милошевиќ, историчар, Белград, д-р Александар Р. Милетиќ, историчар, Институт за понова историја на Србија, Центар за историски студии и дијалог, Белград, Вељко Станиќ, историчар, Белград и Петар Жарковиќ, историчар, Белград.

Треба да знаете
Последни објави