Search

Фаучи: Првите дози од вакцината ќе бидат достапни кон крајот на декември или почетокот на јануари

Ако сè оди добро, првите дози на безбедна и ефикасна вакцина против коронавирус најверојатно ќе бидат достапни кон крајот на декември или почетокот на јануари за Американците со висок ризик, рече во четвртокот водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи.

„Врз основа на тековните проекции на водечките производители на вакцини Модерна и Фајзер, Американците најверојатно во текот на декември ќе дознаат дали ќе имаме безбедна и ефикасна вакцина“, рече Фаучи, директор на Националниот институт за алергија и заразни болести.

„Се надеваме дека ќе ги имаме првите привремени резултати од клиничките испитувања во рок од неколку недели“, додаде тој.

Двете компании, „Модерна“ и „Фајзер“, ја започнаа последната фаза на клинички испитувања кон крајот на јули, а десетици илјади луѓе учествуваат во обете клинички испитувања.

„Модерна“ во четвртокот објави дека може да ги има првите привремени резултати од тестот следниот месец, додека „Фајзер“, кој првично требаше да ги објави привремените резултати во октомври, сега го префрли тој рок за подоцнежен датум, најверојатно веднаш по претседателските избори во САД на 3 ноември.

Фаучи рече дека во пракса тоа би значело оти првите дози на вакцината треба да ги добијат лицата на кои им е најпотребна „до крајот на декември или почетокот на јануари“.

Тој сепак додаде дека дури и ако вакцината е ефикасна во заштитата од коронавирус, ќе мине долго време додека да зајакне имунитетот на национално и глобално ниво.

Треба да знаете
Последни објави