Search

Фаучи: Никогаш не го спуштивме доволно бројот на заболени – ситуацијата сериозна, мора нешто да се преземе

Американскиот експерт за заразни болести, инфектологот Ентони Фаучи, изјави дека актуелната состојба со Ковид-19 во САД е „сериозна” и дека веднаш мора нешто да се преземе.

Фаучи кажа дека САД се уште се „длабоко во првиот бран од пандемијата” и дека бројот на пациенти никогаш не бил доволно мал, како што беше планирано.

Сегашната состојба тој ја спореди со онаа во Европа, каде што по отворањето се зголеми бројот на пациенти, но таму отварањето следеше дури откако бројот на пациенти доволно опадна и мина врвот на инфекцијата.

-Никогаш доволно не го намаливме бројот на пациенти и сега повторно расте. Ситуацијата е сериозна и треба веднаш нешто да се направи, рече Фаучи, пренесуваат британските медиуми.

Бројот на пациенти ширум САД постојано расте и е речиси двојно поголем од пред еден месец.

Во 40 од 50 американски сојузни држави бројот на пациенти расте, а болничките капацитети полека се пополнуваат.

Три најголеми американски медицински здруженија – Американското медицинско здружение, Здружението на медицински сестри и Здружението на болници  преку отворено писмо апелираат до Американците да носат маски, да одржуваат растојание и да ги мијат рацете.

Здруженијата пандемијата ја нарекоа „најлошата криза на јавното здравје во последните децении” и оценија дека предвреме беа напуштени превентивните мерки.

Шефот на кабинет на претседателот Трамп, Марк Медоус, за Фокс њуз изјави дека администрацијата им препуштила на гувернерите на државите и на локалните власти да одлучат какви мерки треба да се преземат.

-Носењето маски зависи од место до место, но нема наредба на ниво на целата земја, рече Медоус.

Во САД  досега од Ковид-19 умреа повеќе од 130.000 лица, а заразени се повеќе од 2,9 милиони Американци.

Треба да знаете
Последни објави