Search

ФАО обучува 350 ветеринари од Балканот за подготвеност на африканска свинска чума

Иако вниманието на медиумите е свртено кон човечката пандемија, африканската свинска чума сè уште е многу актуелен проблем. Беснеејќи низ три континенти, никогаш досега во историјата болеста не била толку широко распространета со толку милиони животни погодени. Болеста носи огромни економски трошоци, значителни нарушувања во трговијата и сериозно влијае на руралниот живот.

За да помогне во подготвеноста за африканска свинска чума, ФАО денес започнува онлајн обука на српски јазик, во која учествуваат 350 ветеринари од Балканот (вклучувајќи ги Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора и Србија).

Обуката ќе трае шест недели.

Ветеринарните служби од балканскиот регион беа поканети да достават номинации за курсот. Оваа обука следи по успешен пилот курс (во ноември 2019 година) и курс за европските земји на англиски јазик (во април-мај 2020 година).

„ За да се оптимизира подготвеност, рано откривање и одговор на можен влез на африканската свинска чума, важно е да се обучат оние во првата линија на одговор: ветеринарите – што е можно повеќе“, вели Даниел Белтран-Алкрудо, специјалист на ФАО за здравје на животните. „Балканот е во голем и непосреден ризик од влез на африканска свинска чума и треба соодветно да се подготви“, додава тој.

ФАО не можеше да се справи со огромната и растечка побарувачка за обуки за болеста од земјите со висок степен на ризик или заразување.

Затоа, се донесе одлука да се премине на интернет обуки, што нуди неколку предности: лесно е и економично да се надоградат, може да вклучат стотици луѓе од различни локации и им овозможува на учесниците да учат според нивно темпо, во време кога нив им одговара. Во време на ограничувања за патувања и состаноци заради пандемијата Ковид-19, учењето преку интернет станува уште поважно.

Треба да знаете
Последни објави