Search

Фантастичен натпревар во Милано: Интер го доби градското дерби против Милан

Фудбалерите на Милан и Интер синоќа во дербито на колото во италијанска Серија А одиграа одличен натпревар, а по втор пат оваа сезона се радуваа „сино-црните“.

Интер одлично го отвори натпреварот, а по само 3 минути игра после една одлична акција на Перишиќ и Мартинез, Весино погоди за 1:0. До крајот на првото полувреме Интер продолжи да доминира, две големи шанси пропуштија Весино и Шкриниар за да го зголемат водството.

Таму каде што застанаа избраниците на Спалети во првото, продолжија во второто полувреме. Во 51-ва минута, Политано одлично нафрли во казнениот простор, каде што Стефан Де Фрај беше највисок и зголеми на 2:0. На сличен начин на другата страна возврати Милан. Чалханоглу испрати прецизен центаршут, а Бакајоко намали на 2:1.

Кога Милан тргна во налет, следуваше нов студен туш. Политано беше фаулиран од Кастилехо во казнениот простор на Милан, а Лаутаро Мартинез беше сигурен од белата точка за 3:1. Но, Милан не се предаде, па набрзо потоа Мусачо намали на 2:3.

До крајот резултатот не се менуваше, па Интер забележа нова победа над Милан оваа сезона со која што „Нераѕурите“ ги „скокнаа“ своите ривали на табелата. Интер сега се наоѓа на третото место со 53 бода, а два бода помалку има Милан на четвртото место.

Треба да знаете
Последни објави