Search

Фазлиу: Не сме целосно задоволни од функционалноста на општините

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, денеска оствари средба со резидентната координаторка на ОН во земјата, Росана Дудзијак.

Како што информираат од Министерството, на средбата Фазлиу ги истаканал долгогодишната поддршка и соработката со УНДП, особено во спроведувањето на процесот на децентрализација.

Воедно, министерот ја нагласил определбата на Владата за унапредување на процесот на децентрализација.

„Посветено се работи на овој план и преку проектите што во овој момент Министерството ги имплементира во соработка со УНДП, но сè уште не можеме да бидеме целосно задоволни од функционалноста на општините, има потреба од натамошно развивање на капацитетите и ресурсите за да може општините да преземат нови надлежности“, посочил Фазлиу.

Резидентната координаторка на ОН, Дудзијак, покажала посебен интерес за приоритетите на Министерството во водењето на процесот на децентрализација, за капацитетите и ресурсите на општините и за нивните развојни можности.

Во разговорот било нагласено дека соработката на Министерството за локална самоуправа со УНДП ќе продолжи преку обезбедување поправеден начин на финансирање, зајакнување на капацитетите за економски и социјален развој, развојот на локалната демократија и зголемување на транспарентноста и инклузивноста, како и во создавањето услови за родово одговорно буџетирање и полесен пристап до услугите за лицата со попреченост.

Треба да знаете
Последни објави