Search

„Учиме дома” – часови за учениците од основните училишта преку грчката државна телевизија ЕРТ

Во рамките на програмата на Министерството за образование на Грција, за учење на далечина од денеска стартува проектот „Учиме дома”, односно часови за учениците од основните училишта преку вториот канал на грчката државна телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

Мајчин јазик, математика, физика, историја се предметите по кои учениците ќе следат часови во текот на денешниот и утрешниот ден во рамките на програмата

Ова е третата оска од програмата на Министерството за образование на Грција за учење на далечина, кога сите образовни институции во земјата се затворени.

Веќе се спроведува синхронизирана едукација, односно учење на далечина за учениците од средните училишта, а набргу ќе се вклучат и основните училишта во програмата.

Втората оска е асинхроното образование, односно употреба на образовен материјал преку интернет, објавен на сајтот на Министерството, а досега регистрирани се над 700 илјади корисници – ученици и 166 илјади корисници- професори и наставници.

Министерката за образование на Грција, Ники Керамеос, вели дека во вонредни услови и за краток временски период го постигнале она што изгледало невозможно, „почеток на учење на далечина, вклучувајќи нови алатки во образовниот процес и надградување на постоечките”.

-Учењето на далечина не може да го замени учењето во живо, но сепак го одржува близок контактот на учениците и студентите со образовниот процес, вели Керамеос.

Треба да знаете
Последни објави