Search

Учество на МНР Никола Димитров на панел дискусија посветен на дипломатските искуства од Договорот од Преспа

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денес во МНР се обрати пред младите дипломати од земјите од Регионот, учесници на Регионалната школа за дипломатија. Говорејќи на тематскиот панел: „Дипломатските искуства и научените лекции од преговорите за Договорот од Преспа и меѓународните перспективи”, министерот Димитров се осврна на предизвиците во процесот на преговори и придобивките од постигнатиот договор со Грција. Посочи дека на финалниот договор му претходеле многу предизвици, за чие надминување било потребно трпение, мудрост, храброст и визионерство од двете страни.

На младите дипломати, министерот Димитров им ја пренесе пораката дека една од главните задачи на дипломатијата е да ги премостува разликите меѓу земјите. Водени од таквиот позитивен приод, со Договорот од Преспа, двете страни испратија позитивна порака од Балканот, порака на компромис, добрососедска соработка и, во случајот на нашата земја, порака на цврста желба и посветеност на процесите на европска интеграција.

Министерот Димитров подвлече дека затворајќи ги сите отворени прашања со соседите, Северна Македонија ја покажа својата зрелост и кредибилност, го испорача она што ЕУ го бараше и затоа оправдано очекува и Европската Унија соодветно да ги валоризира тие постигнувања и идната седмица да донесе позитивна одлука за отпочнување на пристапните преговори. Притоа, МНР Димитров нагласи: „Се натпреваруваме со времето. Колку подолго не обезбедуваме европски начин на живеење, толку повеќе младите таленти и нашата идна генерација ќе нè напуштаат барајќи ја Европа зад границите на Регионот. Aко не се фокусираме на градење на посилни институции за да има правда во нашите општества, ако не се фокусираме на инвестирање во образованието, Регионот ќе заостанува во споредба со останатите во Европа. За да се намали економскиот јаз, мора да се фокусираме на прашањата што се важни и да имаме конструктивен олимписки натпревар на реформи во Регионот за да направиме скок што е толку неопходен.”

Регионалната школа за дипломатија е прва школа од ваков вид што се одржува во Скопје од 6 до 9 октомври 2019 година и на која учествуваат 15 дипломати од земјите од Регионот (опфатени со Берлинскиот процес), а ја ко-организираат МНР, во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт” – Скопје, со поддршка од Федералната Канцеларија за надворешни работи во Германија. Таа претставува можност да се разговара за прашања што се битни за регионалната соработка, а посебно младинската компонента на таа соработка. Во повеќе тематски панел-дискусии, ќе дискутираат бројни европски и национални експерти, како и креатори на политики, истражувачи и претставници од невладини организации.

На панел дисксуијата покрај МНР Димитров, учествуваа и амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар и професорката од Универзитетот во Атина, Марилена Копа.

Треба да знаете
Последни објави