Search

Ученици од ООУ „Ѓорги Сугарев” – Битола го посетија Кабинетот на Пендаровски

Во пресрет на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, денеска ученици со атипичен развој од ООУ „Ѓорги Сугарев” – Битола го посетија Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, во рамки на активноста „Отворен Кабинет”.

– Учениците се сретнаа со претседателот Пендаровски и со неговата сопруга, Елизабета Ѓоргиевска и ги споделија нивните желби, хобија, интереси и омилени активности во рамки на образовниот процес, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Во разговорот со специјалните едукатори и рехабилитатори, претседателот Пендаровски и г-ѓа Ѓоргиевска се запознале со тековните проекти на Центарот за поддршка на учењето на децата со попреченост, што во рамки на битолското основно училиште, овозможува инклузивност, личен развој и индивидуална надградба на учениците.

Претседателот и неговата сопруга се заблагодариле за денешната посета на учениците, посакувајќи им да гo следат својот сон и постојано да се стремат кон остварување на своите цели.

– Посетителите имаа можност да ги разгледаат и работните простории на претседателот Пендаровски, како и Мозаик салата во која е поставен диптихот „Македонија – светла земја” и „Македонија памети” на нашиот уметник – академик Глигор Чемерски, наведоа од Кабинетот.

„Отворен Кабинет” е дел од проектот „Лице в лице со претседателот, во рамки на кој, институцијата ја посетиле граѓани од различни возрасти, професии и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта.

Треба да знаете
Последни објави