Search

УХМР го објави јавниот оглас за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди

Управата за хидрометеоролошки работи го објави јавниот оглас за  „ Услуги за модификација на време со авионско засејување“.  Проценетата вредност на јавната набавка за услугата без ДДВ е 50.847.458 денари. За оваа намена преку Програмата за рурален развој на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се обезбедени 60 милиони денари со вклучен ДДВ. За реализација на услугата економскиот оператор треба да располага најмалку со два авиони кои треба да бидат двомоторни и да ги исполнуваат меѓународните стандарди за летање во специфични временски услови, да поседува соодветни дозволи и лиценци за ваков тип на услуги и други потребни услови согласно спецификацијата на јавната набавка.

Заштитата од град со авионско засејување ќе се спроведува на целата територија на Република Северна Македонија. Рокот за доставување на понуди е до 20-ти февруари годинава.

Се работи  за нов систем за заштита од временски непогоди којшто предвидува контрола на климатските услови преку  авионски начин на засејување на облаците, со којшто се постигнува поквалитетна и  порационална заштита на земјоделските посеви од град.

Овој вид на заштита постигнува поголем квалитет во вештачкото влијание врз термо-динамичките процеси во атмосферата и директен увид во ефектите при самото испуштање на реагенсот во облаците. Оваа метода вклучува третирање,  т.е. засејување на градонoсни облаци со реагенси, пред сè, сребрен јодид (AgJ) како најзастапен реагенс во светот. Засејувањето на облакoт е засновано на концептот на „корисна конкуренција“. Како резултат на методата, зрната град што се формираат во рамките на засејаниот облачен волумен ќе бидат со помали димензии, поради прераспределбата на содржината на преладена облачна вода на повеќе ледени кристали кои настануваат како резултат на хетерогената нуклеација на реагенсот, и логично ќе предизвикаат помала штета ако доспеат да паднат на површината на земјата. Ако во регионот со вертикален развој на облакот  се внесат доволен број ледени јадра (нуклеуси), тогаш зрната град ќе бидат доволно мали, така да при паѓањето во топлиот сектор на облакот ќе се стопат пред да паднат на земјата. Процесот на засејување се изведува се додека не се намали кумулациската зона под критериумите за засејување или не ја напушти заштитуваната област.

Материјалот за засејување на градоносните облаци е сребро јодид (AgJ), кој се внесува во облакот во форма на вештачки кондензациски јадра од ледени кристали. Засејувањето со вештачки јадра на сребро јодид се извршува со специјално опремени авиони и процедури на засејување  во зависност од метеоролошките услови. Техниката на засејување на врв на облак се одвива врз „feeder“ ќелии и на ковективен едноќелиски развој. Засејувањето на фидерот се врши околу нивото на -10°С (секогаш  помеѓу -8°C и -15°C) и кога е возможно на растојание помало од 300m од врвот на облакот.

Од сите досегашни анализи, авионското засејување на облаците наспроти останатите механизми, се има покажано како најефикасна превенција. Земјите од регионот како Грција, Бугарија и Словенија веќе го користат овој систем и имаат позитивни резултати. Овој начин е неколкукратно поекономичен од старите ракетни системи, најмногу поради фактот што преку авионското засејување, растворот кој делува превентивно на формирање на град се нанесува директно на критичната облачна маса, додека со ракетните системи функцијата се врши од копно и непрецизноста го прави неефикасен ракетниот систем.

 

 

Треба да знаете
Последни објави