Search

Утре напладне стартува расправата по предлог уставните измени во Собраниска комисија

Утре напладне стартува расправата по предлог уставните измени во Собраниска комисија 

Пленарната седница за уставните измени со цел усогласување на Уставот со текстот од договорот со Грција ќе се одржи на 15-ти октомври во 11 часот, додека за утре во 12:00 е свикана седница на уставната комисија. Според Деловникот, Комисијата  за уставни измени има рок од 10 дена  да дебатира околу предлогот за пристап кон уставните измени, а Извештајот повторно ќе треба да се најде на пленарна седница. Парламентарното мнозинство не открива дали се обезбедени 2/3 од мнозинството во Собранието. Пратеникот на СДСМ, Александар Кирацовски, порача пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да не потпаѓаат под притисоци и закани и да гласаат според сопствено убедување.

„Јас не познавам никого од 120-те пратеници во Собранието на РМ  да е против НАТО и ЕУ. Затоа не очекуваме било кој од нив да излезе и да го оспори интегрирањето на Македонија во НАТО и ЕУ. Разговараме со сите парламентарни партии и убедени сме дека нивното евроатланско ориентирање ќе има можност да се изнесе за време на уставните измени“, изјави Артан Груби, пратеник од редовите на ДУИ.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, се пожали дека власта врши притисок врз пратениците од неговата партија, за да го дадат својот глас за уставните измени.

Со новите амандмани предвидени се четири суштински уставни измени. Првата е додавање на придавката Северна секаде каде се спомнува Република Македонија, потоа измени во преамбулата каде ќе бидат додадени сите одлуки од заседанијата на АСНОМ, третата измена е гаранција за територијалните граници на Република Македонија кон соседите, како и грижата за Македонците, но и сите граѓани во дијаспората. Предлагач на уставните промени е Владата на Република Македонија, а тие се прават со цел исполнување на договорот од Преспа за промена на името.

Треба да знаете
Последни објави