Search

Утре во Нигерија ќе се одржат парламентарни и претседателски избори

Нигериската Изборна комисија соопшти дека утре ќе бидат одржани претседателски и парламентарни избори кои минатата сабота беа ненадејно одложени, на само неколку часа од отворањето на избирачките места.

– Сакам да ве уверам дека изборите ќе бидат одржани в сабота, изјави синоќа претседателот на Комисијата Махмуд Јакубу и додаде дека нема да има повторно одложување. Сепак тој призна дека засега само 19 од вкупно 36 сојузни држави во Нигерија го добиле изборниот материјал.

Претседателските избори во 2011 и 2015 година исто така беа одложени поради логистички и безбедносни проблеми.

Во претседателската трка учествуваат 72 кандидати, а главни фаворити се актуелниот претседател Махмаду Бухари и главниот опозициски кандидат, бизнисмен и поранешен потпретседател Атику Абубкар.

Нигерија, која е најголема економија во Африка, најголем произведувач на нафта и најмногубројна држава на континентот, во 1999 година имаше демократска транзиција после децении воена диктатура. Бухари, тогаш генерал, владееше во 1983 година, првпат по државниот удар. Медиумите го опишуваат како чесен политичар, но бескомпромисен и тежок за разговори.

Треба да знаете
Последни објави