Search

Успешни реформи ќе го забрзаат процесот на ратификација на членството во НАТО

Македонија денеска седнува како поканета земја на состанокот на министрите за одбрана, полноправното членство се очекува за една година кога ќе завршат ратификациите во сите земји членки, но Македонија може да се обиде да влијае на брзината, јави дописничката на МИА од Брисел.

Висок претставник на Алијансата утринава ги објасни претстојните процедури на зачленување на Македонија во НАТО.

Од приемот на вербалната нота од Скопје во НАТО, Македонија ќе биде официјално именувана Северна Македонија на масата на сојузничките на Алијансата, каде се наоѓа денеска министерската за одбрана, Радмила Шеќеринска. Полноправното членство ќе се случи откако сите земји членки ќе ги ратификуваат пристапниот Протокол. Од Алијансата никој не очекува да се случат политички проблеми во овој дел откако Грција го ратификуваше минатата недела.

Во просек овој процес трае околу една година, што значи дека Македонија би станала полноправна членка до пролетта 2020 година. Сепак, не е исклучено да се забрза процесот, но тоа зависи од капацитетот на Македонија да ги убеди своите идни сојузнички, објасни претставник на НАТО. Тоа може да го стори пред сѐ преку интензивирање на реформите и докажување дека е вреден партнер чие членство треба што поскоро да стапи на сила.

-Важно е за земјата да продолжи да притиска за реформите и да ги убеди другите земји дека заслужува да стане членка, да ги убеди дека членот 5 треба да се примени, изјави претставник на НАТО.

За НАТО има три клучни реформски области, а тоа се владеењето на правото, реформите во одбраната и во разузнавачките служби. Во претстојниот период ќе биде важно за земјата да се осигура дека системите за размена на информации се безбедни и цврсти. Друг важен аспект е контролата врз разузнавањето, начинот на кој се управува со чувствителни информации, како и дека има доволно човечки ресурси и дека тие се соодветно обучени за задачите што им претстојат.

НАТО ќе и помага на Македонија до полноправното членство да ги воспостави сите неопходни системи за тие да бидат функционални на денот на членството.

Околу одредени шпекулации дека САД со администрацијата на Доналд Трамп би можела на било каков начин да се противи или да спречи зачленување на Македонија во наредниот период, НАТО отфрла вакви сценарија и потсетува дека не само што САД покажува историски силна поддршка за проширувањето на НАТО, туку таа поддршка беше потврдена неодамна во двете американски политички партии.

На 10 јули минатата година американскиот Сенат изгласа резолуција за поддршка на НАТО, а следниот ден истото го стори и Претставничкиот дом. И двете резолуции минаа речиси едногласно, без разлика на политичката припадност на пратениците.

Треба да знаете
Последни објави