Search

Успешен старт на А1 Drive-in киното: денеска на репертоарот семејната драма „Вистина“

 Краткотрајниот дожд не ги предомисли посетителите за отворањето на A1 Drive-in киното синоќа во Скопје. Паркингот на А1 Арената ги пречека љубителите на филмот, а пак А1 Drive-in киното навистина овозможи оригинално доживување за целата публика уште од првата вечер.

„Вакво нешто му требаше на градот“, „Вистинско филмско доживување“, „Одлична организација, уникатен настан“, беа само дел од реакциите на публиката која имаше несекојдневна можност да ужива во проекцијата на повеќекратниот оскаровец „Паразит“ од удобноста на својот автомобил.

Втор на репертоарот, кој ќе се прикаже денеска повторно од 21 часот, е семејната драма „Вистина“ (The Truth или во оригинален наслов La vérité од 2019 г.) која е од англиско-француско говорно подрачје, со легендарните француски актерки Кетрин Денев и Жулиет Бинош, како и холивудскиот актер Итан Хоук во главните улоги. Филмот ја претставува бурната средба помеѓу сценаристката Лумир (Жулиет Бинош) со нејзината славна мајка и актерка Фабиен (Кетрин Денев), која е претставена како дива, обожувана од многу мажи. Кога Фабиен ќе ја објави својата автобиографија, нејзината ќерка се враќа од Њујорк во Париз заедно со сопругот (Итан Хоук) и со својата ќерка. Но, повторното обединување на мајката и ќерката брзо се влошува и настануваат проблеми, што на уникатен начин го рефлектира нивниот комплексен однос.

Овој исклучителен филм, кој инаку ја понесе OFCS наградата за најдобар неамерикански филм, е дело на јапонскиот режисер и автор Хироказу Коре-еда, кој токму со „Вистина“ го отвори 76. Венециски филмски фестивал, а пак беше и во главната трка за Златниот лав.Ова е прв негов филм по Златната палма во 2018 за филмот „Крадци“, како и прв филм кој не е на јапонски јазик, а за филмот самиот вели дека се обидел „да ги оживее ликовите од овој мал универзум, со сите нивни лаги, гордост, жалби, тага, радост и признание“. За вечерашната проекција на филмот „Вистина“ преостанати се уште 10 слободни влезници кои може да се резервираат преку платформата www.karti.com.mk на овој линк.

 

Треба да знаете
Последни објави