Search

Успехот на „Преспав” се должи на мултиталентираните актери

Продуцентот на првиот македонски ситком „Преспав”, Пеце Талески, изјави дека по 101 снимена епизода очигледен е успехот.

Тој додаде дека успехот на серијата „Преспав” пред сè се должи на мултиталентираните актери. Талески додаде дека „Преспав” покажа дека кај нас има простор на комерцијална основа да се работат добри телевизиски проекти.

Талески посочи и дека се надева дека ќе продолжи снимањето на следни сезони од серијата „Преспав”.

„Преспав” официјално брои 101 епизода, кои се вашите импресии и дали сте задоволни со постигнатиот успех на серијата?

– Па да, мислам дека мораме да сме задоволни. Самиот факт дека 101 епизода се направени е достигнување само по себе, а успехот претпоставувам е очигледен.

Преспа е местото каде што Господ Бог преспал е реплика од серијата, дали локацијата на пансионот ја одбравте поради тоа што туризмот во Преспа речиси изумира, дали е тоа обид да се оживее туризмот во регионот?

– Немавме таква намера, едноставно самата локација беше интересна сама по себе. Преспа сама по себе тоа се поврза при името на серијалот, кога го дефиниравме, и на крајот беше да го најдеме вистинскиот хотел што би одговарал на пансионот „Преспав”. Ако сакате да имплицирате дека има простор за развој, да има.

Има простор, но за тоа треба да ги прашате луѓето што живеат во Преспа.

Колку често ви се случува за време на снимање на некоја епизода да добиете нова идеја и целосно да го смените сценариото за таа епизода?

– Тоа не се случува кога работиш на серија. Прво ја имаш идејата за епизодата, ја развиваш на некој краток синопсис и нема менување кога сценариото е усвоено. Дури има многу малку импровизации на самиот сет на снимањето.

Со оглед на тоа дека во „Преспав” има ликови од Хрватска, Албанија, Германија и од Бугарија, дали серијата е исто толку популарна во овие земји колку што е и кај нас и дали имаат откупено лиценца за нејзино прикажување?

– Досега официјално оди само во Бугарија, се емитува од средината на декември минатата година и ќе се емитуваат сите 100 епизоди во Бугарија на БТВ, и на нејзините платформи. Да, има интерес серијата да се гледа и во други земји, а исто така има интерес и за откупување на лиценцата. Засега проектот е во фаза на развој, прерано е да разговараме дали лиценцата би ја продале или не.

 

Може ли да ни раскажете некоја интересна ситуација што се случила за време на снимањето што вас ви останала во сеќавање?

– Кога гледаш ситком или смешни работи на телевизија тоа изгледа забавно, меѓутоа работата на него е доста напорна, се работи со луѓе. Сто епизоди се околу 120 дена снимање и уште сигурно толку се подготовките, така што се случуваат еден куп работи. На пример, годинава што се случи, го има и на трејлерот кога Береда паѓа, тоа едноставно се случи, не беше местено или, пак, снимањето на последната сцена со коњот во студио, е приличен кошмар да се донесе коњ во студио, така што тоа беше малку и продукциски потфат во МРТВ во лифт да се качи горе во еден затворен простор како што беше ресторанот во „Преспав”, стравот кај актерите што ќе се случи со коњот.

Досега во „Преспав” гостуваа актери од Србија и од Бугарија, дали може да очекуваме и соработка со актери од други земји?

– Може да очекувате, ама тоа се надеваме ако се снима и кога ќе се снима петта сезона. Проблемот е тука што претпоставувам очекувањата да викнеш популарен актер во веќе популарна серија треба публиката да го знае тој актер. Проблемот на затвореноста на балканските општества е што ние многу малку знаеме популарни актери да речеме од Бугарија речиси никој. Од Србија ги знаеме оние актери што се од постарата генерација. Ние не познаваме актери и тоа е прилично тешко да донесеш некој што со својата атрактивност би ја збогатил, да речам, палетата на актери што ги имаме ние во „Преспав”. Оти тоа што е добро кај „Преспав” се покажа дека актерите се навистина добри и многу е тешко кој било дојден од страна може да се носи со нив. Од една страна начинот и од втора страна динамиката на самото снимање, ние снимаме една епизода на ден, кој и да го донесеш од странство, според досегашното искуство, на актерите прилично тешко им одеше навикнувањето, првин на динамиката на снимање и второ да им парираат на нашите актери, тие едноставно се „ѕверови”.

 

Колку е всушност тешко да се добие производ квалитетен како што е серијата „Преспав”?

– Не е едноставно, оти е работа на серија и работа на култура, многу нешта што се поврзани, 100 епизоди „Преспав” значи 100 сценарија. Тие 100 сценарија треба сценаристите да ги направат. Треба да се направат костими. Еден од проблемите е што немаме на располагање актери што можат да влезат како епизодни улоги, мислам дека сè што имаше во Македонија помина во „Преспав” на овој или на оној начин, така што предизвиците се секогаш тука. Меѓутоа на крајот задоволството е поголемо кога ќе видиш дека во толку лимитирани услови и во лимитирани општества, како што е нашето, можат да се направат квалитетни серии.

Дали буџетот за една серија претставува проблем „Преспав” да има конкуренција?

– Мислам дека други луѓе треба да прашаш за тоа. „Преспав” бидејќи е исклучок по квалитет и во исто време е исклучок и начинот на кој е направена. „Преспав” е прва серија што е одржлива. Пред МРТВ да влезе како партнер на проектот, втората сезона на „Преспав” беше комплетно економски исплатлива, така што „Преспав” покажа дека кај нас има простор на комерцијална основа да се работат добри телевизиски проекти, ама тоа е предизвик за продуцентот.

Вторпат се снимаше новогодишната програма на МРТВ, што тоа значи за вашата продукција?

– Новогодишниот формат е можеби најтешкиот формат за работа. Прво е премногу долг, новогодишната програма генерално трае 3,5 саати, второ е многу скапа, на пример балканските новогодишни програми што ние ги гледаме чинат стотици илјади евра. И трето, тие 3,5 саати треба да се исполнат со забавна и интересна содржина за да го задржиш вниманието на луѓето.

„Преспав” е ситком, а новогодишната е класична шоу-програма, така што кога дојде понудата од МРТВ за мене лично беше предизвик оти како продукција влегувавме во една друга вода и бев сигурен дека имаме доволно квалитетни пред сè материјали, а од друга страна квалитетни актери што можат тоа да го обработат. Прво беше тешко да се направи музичкиот дел, второ да биде компонирано со играниот дел од актерите и на крај сето тоа да се спакува на ниво на сценографија на постпродукција.

Успехот лани и годинава покажува дека сме биле на добар пат и да, мене ми е забавно тоа, годинава продуциравме 40 нови песни, што е голема бројка.

Не знам дали македонската музичка продукција генерално во текот на целата година продуцира таков квалитет и сето тоа да биде добро визуелно спакувано. Меѓутоа тука помагаат и успехот и талентот на самите актери. Сепак, тие се мултиталентирани. Игор Џамбазов, Тијана, Јелена, кои се „ѕверки” пак ќе кажам, дури и Игор Ангелов пее одлично, а Таљат и Зафирчев покажаа завидни вокални квалитети, така што има добар тим што го работи тоа и претпоставувам дека не беше тешко. Меѓутоа пред сè новогодишната програма е работа на престиж на телевизијата што го продуцира тоа.

Освен „Преспав” и Петко, кои други содржини ги има ОХО продукцијата?

– Со Петко годишно снимаме околу 60 епизоди и плус „Преспав” уште 20, тоа се 80, плус новогодишната програма, тоа е работа за три продукции, а не за една. Второ и специфичноста, особено на Петко, бара време, оти се работи квалитетна програма за деца, која покрај драмскиот дел има многу музика, а исто така има едукативен дел што треба да се спои со приказната за да биде интересна, забавна за децата и за родителите, без проблем да функционира на Јутјуб и на телевизија.

Да, работиме други проекти, подготвуваме еден документарен серијал што се вика „Портокалева Македонија”, кој треба скоро да го пуштиме. Работиме и на два-три други документарци. Годинава треба да работиме еден долгометражен филм.

Дали државата обезбедува доволен буџет за македонските ситкоми?

– Државата не обезбедува доволен буџет кај нас за ваков тип. Само Агенцијата за филм секоја втора година обезбедува пари за телевизиски серии. Од друга страна пак покажавме дека можат на други начини да се прават квалитетни содржини. Ако мене ме прашаш мислам дека тоа е добро, дека искуството покажува дека секое субвенционирање од страна на државата не дава резултат, само ги зголемува корупциските приказни. Кога државата решава да интервенира во некој дел, со надеж дека тоа ќе го подобри, кај нас тоа не се случува и најчесто тоа завршува со некоја контрапродуктивна приказна.

Гледачите на „Преспав” очекуваат петта сезона. Дали планирате да продолжите со снимање на серијата?

– Нека остане тема за некоја наредна дружба или интервју. Да, ние работиме на петтата сезона на „Преспав” и на шестата претпоставувам. Кога ќе кажам работиме, тоа е дека во нашите глави се поставуваат прашања како би сакале тоа да се развива, во која насока да оди, кои приказни би биле интересни за публиката. Меѓутоа дали тоа ќе се реализира има многу отворени прашања. Сепак е сложена процедура да се направат уште тие 20-22 нови епизоди.

Треба да знаете
Последни објави