Search

Усвоен европскиот мандат за преговори со Обединетото Кралство

Министрите за надворешни работи го усвоија мандатот за преговори со Обединетото Кралство за идното партнерство помеѓу двата блока. Преговорите и натаму ќе ги води Мишел Барние.

-Советот усвои јасен и силен мандат за нашиот преговарач, Мишел Барние, ова ја потврдува нашата подготвеност да понудиме амбициозно, опширно и балансирано партнерство за Обединетото Кралство со бенефити за двете страни. ЕУ е сега подготвена да ги започне преговорите, соопштија министрите за надворешни работи.

Мандатот и овозможува на Европската Комисија да ги води преговорите под палката на Барние.

ЕК ја поздрави министерската одлука преку претседателката Урсула фон дер Лајен.

-Сакаме да изградиме блиско, амбициозно идно партнерство, ова е од интерес на граѓаните од двете страни, изјави таа и се заблагодари за довербата на Советот и на Европскиот Парламент.

Европската Унија сака да воспостави фер услови за конкуренција помеѓу двете страни, кои нема да ги загрозат европските стандарди во делот на здравството, животната средина, социјалните права и економијата, а истовремено ќе овозможи интензивна билатерална трговија, со нула царини и квоти врз добрата.

Една од најчувствителните точки за двете страни е риболовот. Европската Унија смета дека е неопходно идното партнерство да овозможи реципрочен пристап до водите и стабилна пропорција на квоти. Договорот за риболовот треба да биде етаблиран до први јули оваа година, сметаат министрите на ЕУ.

Двете страни ќе треба да преговараат и за низа други области како дигиталната економија, безбедноста, споделувањето информации, надворешната политика, одбраната, судството, полициската соработка.

Обединетото Кралство треба својот преговарачки мандат да го обелодени в четврток.

Европската Унија очекува овој мандат да биде во согласност со договорените принципи во претходната спогодба за Брегзит.

Преговорите би требало да започнат во март.

Треба да знаете
Последни објави