Search

Усвоени договорите за ФРОНТЕКС со Србија и Црна Гора

Советот на Европска Унија денеска ги усвои договорите склучени со Белград и со Подгорица за гранична соработка помеѓу овие две земји и европската гранична и крајбрежна агенција, позната како ФРОНТЕКС, јави дописничката на МИА од Брисел.

Целта на овие договори е да им се помогне на земјите од Западен Балкан да управуваат со „мигрантските текови” долж така наречената балканска рута и да се справат со „нелегалната миграција” како и со граничниот криминал.

Договори се склучени со речиси сите земји од регионот, но не се сите усвоени за сега.

Соработката со ФРОНТЕКС подразбира заеднички операции и распоредување на екипи на европската агенција во балканските подрачја што се граничат со ЕУ.

– Блиската соработка со нашите партнери од Западен Балкан е суштинска ако сакаме да се справиме со миграциските предизвици со кои се соочуваме. Договорите усвоени денеска за гранично управување со Црна Гора и со Србија се важен дел од нашата целокупна стратегија за гранично управување, изјави хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, чија земја претседава со ЕУ до први јули.

Договорот со Црна Гора ќе стапи во сила на први јули, додека договорот со Србија сѐ уште се финализира. Договорите не можат да стапат во сила додека не се одобрени од двете страни.

Албанија беше првата земја која склучи договорот со ФРОНТЕКС минатата година и одржа заедничка операција во мај 2019 година.

Босна и Херцеговина и Северна Македонија имаат договори, но тие сѐ уште не се финализирани.

Треба да знаете
Последни објави