Search

Усвоена предлогот за прераспределба на буџетски средства за субвенции за инвертери

Собраниската Комисија за финасирање и буџет денеска поддржа предлог одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници на централната власт и помеѓу фондовите за финансирање субвенции за граѓаните за набавка на инвертер клима во износ од 620 милиони денари.

Парите се обезбедени од „Електростопанство на Северна Македонија” (ЕСМ), но преку централниот буџет ќе бидат префрлени на општините, а потоа на крајните корисници, објаснија од Министерството за финансии по дилемите и сомнежите од пратениците од опозицијата на седницата на Комисијата, зошто парите се обезбедуваат од буџетски корисници.

Мерката што ја најави Владата како дел од активностите за справување со проблемот со загадувањето треба да ја искористат 10.000 граѓани, од кои 5.200 во Скопје, по 2.500 во Битола и Тетово и 800 во Кичево.

Со Предлог одлуката ќе се обезбедат и  дополнителни средства во износ од 90 милиони денари за откуп на акции за целосна државна сопственост на АД ГА-МА.

Во текот на расправата пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија побара да се преформулира одлуката затоа што смета дека е дискриминаторска за граѓаните од другите градови во државата за кои не се предвидени субвенции. Неговиот сопартиец Драган Цуклев ја окарактеризира мерката на Владата како лицемерие со оглед дека наспроти заложбите за купување инвертери се дозволува увоз на нафтен кокс без акцизи.

– Првично најавувавте дека субвенциите ќе бидат реализрани преку ЕЛЕМ, сега гледаме дека ќе бидат субвенционирани од буџетот. Друг момент е пренамената на средствата од 1,5 милиони евра за АД Гама. Се уште немаме одлука на Владата и  договор на Владата со Макпетрол за целосно купување во државна сосптевност на ГАМА па да издвојуваме средства, рече Цуклев.

Пратеникот од СДСМ Диме Велковски се согласува дека одлуката, како што рече, малку дискриминирачка во делот на плановите за инверторите. – Избраните четири градови се со највисоко загадување, иако овој проблем го имаат и другите. Ова е мерка која се надевам дека малку од малку ќе ја намали емисијата на штетни гасови. Направени се цели планови и анализи. Ако застанеме само на оваа мерка не сме направиле нишно. Јас сметам дека оваа мерка треба да ја добијат овие градови, да почне во прва фаза, апотоа и да продлжи, рече Велковски.

Во Предлог-одлуката стои дека за 90 милиони денари ќе се зголеми ставката од владината потпрограма Администрација, а за 620 милиони денари ставката Капитални дотации до единиците на локалната самоуправа од Програмата за намалување на аерозагадувањето.

Наведено е дека 140 милиони денари ќе се прераспределат односно ќе се намалат од потпограмата Информатичка поддршка на Владата. Министерството за одбрана ќе скрати од потпрограмите функционирање, логистика и мировни и хуманитарни мисии по разни основи. Седумнаесет милиони денари  од ставката основни плати, 10 милиони денари  од придонеси за социјално осигурување, 59 милиони денари од материјали и ситен инвентар, 12 милиони денари од  поправки и тековно одржување, 20 милиони денари од други тековни расходи, а од ставката купување опрема и машини 170 милиони денари. Ставката разни трансфери од потпрограмата поддршка на инвестициски вложувања на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот се намалува за 128 милиони денари, а за 154 милиони денари стаквата за купување опрема и машини од Програмата за попис на Државниот завод за статистика.

Треба да знаете
Последни објави