Search

Усвоена Нацрт Стратегијата за одбрана и утврден Предлог- законот за класифицирани информации

На денешната 154-та редовна седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата со Нацрт Стратегијата за одбрана на Република Северна Македонија, и го задолжи Министерството за одбрана во рок од 7 дена од усвојувањето на информацијата да ја достави Стратегијата за одбрана на Република Северна Македонија до Претседателот на Република Северна Македонија за нејзино донесување.

Тековната Стратегија за одбрана е донесена во 2010 година, а како резултат на безбедносната динамика, современите безбедносни закани и предизвици, но и како резултат на променетиот статус на Република Северна Македонија во меѓународни рамки, Министерството за одбрана изготви нацрт на нова Стратегија за одбрана на Република Северна Македонија.

Новата Стратегија ги идентификува одликите на современото безбедносно опкружување, дава насоки за понатамошен развој на одбранбените капацитети и способности на системот за одбрана на Република Северна Македонија, како и насоки за синхронизирање и унапредување на одбранбеното планирање, согласно стандардите на НАТО и ЕУ.

На предлог на Министерството за одбрана на денешната седница е утврден Предлог – закон за класифицирани информации.

Со Предлог-законот за класифицирани информации се уредува системот за заштита на класифицирани информации во Република Северна Македонија и се овозможува одржување на високо ниво на усогласеност со регулативите на НАТО и ЕУ, следење на тековните трендови во практиките при ракувањето со класифицираните информации, како и прецизирање на одредени прашања поврзани со други области што се поврзани со работата на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Новиот предлог закон ја има предвид законска основа за донесување подзаконски акт којшто ја регулира криптозаштитата во земјата, а согласно интеграциските процеси на земјата во НАТО и ЕУ, согледана е и потреба за проширување на надлежностите на Дирекцијата во доменот на размената и заштитата на класифицирани информации со меѓународните организации.

Треба да знаете
Последни објави