Search

УНИЦЕФ: 200 милиони деца ширум светот јадат нездрава храна

Загрижувачки голем број деца страдаат од сериозни последици поради лоша или нездрава исхрана, предупреди УНИЦЕФ во годинашниот извештај за состојбата на децата во светот – најмалку едно од три деца под 5 години, или повеќе од 200 милиони деца ширум светот, се или неухранети или со прекумерна тежина.

Скоро две од три деца на возраст од 6 месеци до 2 години не консумираат храна што поддржува оптимален раст и развој на нивниот мозок и тело.

Ваквата несоодветна исхрана може да предизвика лош развој на мозокот, тешкотии при учењето, намален имунитет, зголемена подложност на инфекции, а во многу случаи, дури и смрт.

Извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор, посочува дека милиони деца се хранат нездраво затоа што едноставно немаат подобар избор.

„Треба да го смениме начинот на кој ги разбираме и реагираме на неухранетоста и квалитетот на исхраната кај децата. Важно е децата да јадат доволно, но превенствено треба да им се обезбеди здрава и квалитетна исхрана“, вели Фор.

УНИЦЕФ предупредува на тројна закана поради лоша исхрана: неухранетост, латентна глад предизвикана од недостаток на основни хранливи материи и прекумерна тежина кај деца под пет години.

Овие фактори доведуваат до катастрофални резултати – 149 милиони деца заостануваат во физичкиот развој или се прениски за нивната возраст, 50 милиони деца се преслаби за својата висина, 340 милиони страдаат од недостаток на основни витамини и хранливи материи како што се витамин А и железо, а 40 милиони деца се со прекумерна тежина.

Во извештајот се предупредува дека лошата исхрана и лошите навики во исхраната започнуваат уште од најраните денови во животот на децата.

Децата и адолесцентите од најсиромашните и најмаргинализираните заедници го носат најголемиот товар од лошата исхрана. Кај најсиромашните домаќинства, само едно од пет деца на возраст меѓу шест месеци и две години јаде разновидна храна неопходна за здрав раст.

Треба да знаете
Последни објави