Search

Универзитетот „Св.Климент Охридски” со зголемен интерес за европските образовни програми и Еразмус+ активности

Универзитетот „Св. Климент Охридски”-Битола е заинтересиран за зголемено искористување на фондовите кои ги нуди Европската Унија, за поголема интернационализација и партиципација во европските образовни програми, како и Еразмус+ активности, информираа од Ректоратот на УКЛО и Националната агенција за образовни програми и мобилност кои денеска во Битола одржаа заедничка работна средба.

Според Лидија Димова, директорка на Националната агенција за образовни програми и мобилност, УКЛО е првиот универзитет во државата што ја препозна потребата од предвремено советување со Националната агенција.

-Во последните неколку месеци, пред се во последната година, речиси сите знаат дека средствата за Еразмус на ниво на Европската Унија ќе се зголемат двојно, а можеби и тројно затоа што Европскиот парламент инсистира на уште повеќе средства, а тоа значи дека Европската Унија ќе биде исправена со еден  огромен предизвик како да потрошат толку многу пари. Значи, станува збор за огромни средства што ќе бидат ставени на располање на образованието, истакна Димова за време на посетата на УКЛО-Битола.

Во РС Македонија за жал, додаде, овие средства кои и досега ги имавме не беа добро искористени, односно не беа целосно искористени.

-Меѓутоа, капацитетот не беше доволно голем иако мора да признаам дека УКЛО и не стои така лошо во однос на другите универзитети, но, ме радува фактот што конечно еден универзитет побара да чуе што се случува и да се вклучиме во тој процес на дијалог со Европската комисија и градење на капацитетите на Универзитетот за да го зголемиме неговиот апсорпциски капацитет за да може утре да ги искористиме благовремено тие средства, рече Димова.

Соработката со Националната агенција овозможува споделување на искуства и знаења, но и подобрување на капацитетите на УКЛО, посочи професорот д-р Марјан Ѓуровски, воедно проректор на УКЛО и институционален Еразмус+ координатор.

-Универзитетот заедно со Националната агенција отвора прозорец кон информации со цел да го пробудиме интересот кај студентите за нивна мобилност и патување во странство на универзитетите на државите од Европската Унија или, пак, во регионот. На тој начин, пасошот и индексот да не го користат за патување во еден правец, туку повторно да се вратат во татковината и своето знаење и искуство да го споделат со колегите и заедно со нашите професори да го вградат во Универзитетот. Особено е значајно и затоа ќе посветиме внимание, заедно со Националната агенција во престојниот период да се фокусираме на елементот на искористување на  Еразмус програмите и значењето што тие ќе го имаат за домашната, локалната економија, нагласи Ѓуровски.

УКЛО и Националната агенција ќе го зголемат опфатот на институционална соработка и со локалната самоуправа, односно универзитетските единици на УКЛО во општините каде се лоцирани.

Треба да знаете
Последни објави