Search

УНЕСКО: Универзален пристап кон науката е потребен повеќе од кога било поради коронавирусот

За време на пандемијата се покажа солидарноста на меѓународната научна заедница, изјави денеска генералната директорка на Организацијата на ОН за образование, култура и наука (УНЕСКО) Одри Азулеј и се заложи за универзален пристап кон напредокот на науката.

Азулеј ова го рече по повод заедничкиот апел во корист на „отворена наука” кој го започна УНЕСКО заедно со уште три други организации со седиште во Женева: Светската здравствена организација (СЗО), Високиот комесаријат на ОН за човекови права и Европската лабораторија за нуклеарни истражувања (ЦЕРН).

Овие четири организации ја повикаа меѓународната заедница да ги преземе неопходните мерки за да обезбеди универзален пристап до напредокот на науката и нејзината примена.

„Отворена наука” значи слободен пристап до научни публикации, податоци и инфраструктури, како и пристап до софтвер, образовни ресурси и отворени технологии, како што се тестови и вакцини.

– Никогаш порано потребата за универзален пристап кон науката не била толку очигледна, а сепак пред Ковид-19 само секоја четврта научна публикација беше отворено достапна, што значи дека на милиони истражувачи им беше ускратена можноста да ги читаат делата на своите колеги, рече Азулеј.

Според неа, здравствената криза го покажа неверојатниот потенцијал на научната соработка на меѓународно ниво. Таа додаде дека оваа соработка му овозможи на светот многу брзо да го утврди геномот на вирусот САРС-КоВ-2.

Треба да знаете
Последни објави