Search

УМНО.мк: Науката треба да го добие вистинското место во нашето општество

Mедиумската заедница во Македонија од денеска е побогата за уште еден член- Умно.мк е платформа чија основна цел е да покаже дека уметноста и културата, образованието и науката треба да бидат императив во државата во која сакаме да живееме.

-Тргнавме од ставот дека секое дете има право на квалитетно образование, културата на секој човек треба да се гради од мигот на неговото раѓање, дека науката треба да го добие вистинското место во нашето општество, а не да се храни со трошки. А државата мора да ги обезбеди условите за тоа. Ќе бидеме гласот на тивките, ветар во грб на храбрите. Долгогодишното новинарско искуство во овие области ни дава сила и ентузијазам да го збогатиме македонскиот онлајн-простор, каде секој што верува во вистинските вредности ќе го најде своето место, вели Сребра Ѓорѓијевска, новинарка и ко-основач на Умно.мк.

 

Порталот е отворен за соработка со сите граѓани кои сакаат да придонесат Македонија да почне да се менува.

-Низ долгогодишната работа увидовме дека оваа земја има човечки потенцијал, но тој треба правилно да се искористи. Умно.мк ќе биде простор каде јавно ќе зборуваме за проблемите во културата, образованието и науката. Проблемски ќе ги анализираме нештата, јавно ќе дебатираме, ќе конфронтираме мислења и ставови. Целта е преку конструктивна дискусија да ја подигнеме свеста за култура и уметноста, науката и образованието и да понудиме конкретни решенија кои може да се имплементираат во ова општество. Факт е дека лажните вести и понатаму ги задушуваат вистинските. Единствена метода во борбата против манипулацијата со информации е создавањето на издржани, авторски содржини – вели новинарката Весна Ивановска-Илиевска, ко-основач на Умно.мк.

Двете имаат дваесетгодишно новинарско искуство во дневниот весник „Дневник“, а потоа во порталот Факултети.мк. Издавач на Умно.мк е Задружението за промоција и унапредување на културата, уметноста и образованието УМНО – Скопје.

Фото: Тоше Огњанов

Треба да знаете
Последни објави