За време на протестната прошетка низ улиците на Никшиќ, угостителите се заканија дека доколку не успеат да постигнат договор со властите, ќе ги отворат своите капацитети и покрај одлуката на здравствените власти.

“Ние сме за апсолутно почитување на мерките, но овие мерки беа донесени еднострано, без консултација со нас. Веруваме дека над 200 ресторани во Никшиќ можат да работат во согласност со мерките. Некој мора да не консултира, во спротивно ќе одлучиме да ги отвориме просториите во согласност со мерките , што нема да влијае на епидемиолошката состојба“, изјави Перо Милјаниќ, угостител кој има околу 30 вработени во своите капацитети.

Учесниците на протестот истакнаа дека поради ваквите мерки угостителите немаат приход и дека на крајот страдаат вработените, чии семејства живеат од својата работа, без да добиваат никаква помош од државата.

Со одлуката на црногорските здравствени власти, која стапи на сила на полноќ, воведен е полициски час во овие три црногорски општини, кои се најпогодени од епидемијата на коронавирусот во вториот бран, а сите угостителски објекти ќе бидат затворени во следните 14 дена. Забранети се и домашни собири, а заштитната маска е задолжителна за секој над пет години.

Во повеќето други црногорски градови, вклучително и Подгорица, работното време на кафулињата е ограничено на 22 часот, а само две лица можат да седат на иста маса.

Црногорските епидемиолози сметаат дека овие мерки ќе дадат резултати за 10-14 дена.

Сенад Бегиќ од Институтот за јавно здравје за РТЦГ изјави дека, за да се добијат резултати, потребно е да се помине периодот на инкубација и ги повика инспекциските тела да ја засилат контролата за усогласеност со мерките.

Бегиќ предупреди на опасноста од преоптоварување на здравствениот систем, наведувајќи дека угостителските установи носат најголем епидемиолошки ризик, потврдувајќи го ова со информацијата дека во вториот бран на коронавирус, младите се најпогодени.

Во Црна Гора моментално има 3.699 активни случаи на коронавирус, а наглото зголемување на бројот на заразени е забележано од парламентарните избори кон крајот на август, за време на кои и власта и опозицијата одржаа масовни политички митинзи.