Search

Увид во работата на прифатилиште за бездомни животни

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски заедно со директорот на ветеринарната станица Штип извршија увид во работењето на прифатилиштето за бездомни животни.

Се работи за проект кадешто се одгледуваат заловените бездомни животни. Во овој објект Општина Штип преку јавните претпријатија инвестираше 1 милион денари.

„Општина Штип преку ЈП „Стипион” и ЈП „Исар” работеше на изградба на стационар за потребите на нашиот град, на бездомните животни.

Се работи за инвестиција од околу 1 милион денари во коишто поголемиот дел од инвестицијата ја заврши јавното претпријатие Стипион со изработка на монтажни кафези и платформа за бездомните животни, такашто заедно со јавното претпријатие Исар ги завршија сите постапки за да функционира овој објект.

Верувам дека граѓаните ќе бидат задоволни поради тоа што го решаваме овој проблем со бездомните кучиња и ова е еден од примерите како Општина Штип ги надминува проблемите во градот,” изјави Бочварски.

Општина Штип е во комуникација со Агенција за храна и ветеринарство за вадење на одобрение за користење на стационар, а моментално има употребна дозвола за 6 месеци.

Во моментот е склучен договор на итни и неодложни работи со ветеринарната станица во Штип, за да ги третира бездомните животни на територијата на Штип.

„Моментално има заловени 27 кучиња на локациите кај Сењак и кај пионерски дом. На сите овие животни коишто се тука е земена крв за испитување на лајшманија, чипирани, вакцинирани против беснило и дел од нив се кастрирани.

Во наредниот период сите они кучиња коишто ќе бидат овде, ќе бидат исто чипирани, вакцинирани, евидентирани и вакцинирани,” додаде директорот на ветеринарната станица.

Треба да знаете
Последни објави